Врховниот суд ја прифати жалбата на Здружението на издавачи на станови и агенти за недвижности кои бараа да се укине мораториумот воведен од Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), кој требаше да истече на 3 октомври.Судот смета дека ЦДЦ со таа одлука постапил надвор од својот делокруг.

-За да продолжи мораториумот за иселување, тој мора да биде одобрен од Конгресот, напишаа судиите.

ЦДЦ го донесе мораториумот во септември 2020 година, за време на владеењето на поранешниот претседател Доналд Трамп, откако истече претходниот донесен од Конгресот.
Центарот својата одлука ја заснова на законот од 1944 година, оправдувајќи ја со борбата против Ковид-19. Како што е наведено, оние кои не можат да ја платат киријата, не смеат да бидат принудени да престојуваат меѓу голем број луѓе или во засолништа за бездомници, каде што постои ризик од ширење на вирусот.Белата куќа соопшти дека е разочарана од одлуката на Врховниот суд и ги повика федералните држави, локалните власти, издавачите на станови и владините агенции „брзо да дејствуваат“ за да спречат иселување.

Администрацијата на Бајден е разочарана што Врховниот суд го блокираше неодамнешниот мораториум на ЦДЦ за иселување во време на голем број луѓе заразени со Делта сојот низ целата земја, рече портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Според неа, таа одлука може да им наштети на семејствата и да ги изложи заедниците на поголем ризик од Ковид-19.