Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, одиграл клучна улога во спречувањето на тотална регионална војна по директниот воен конфликт меѓу Израел и Иран во пролетта 2024 година. Овие досега непознати дипломатски и воени детали ги открива магазинот „Атлантик“, повикувајќи се на сведоштва на поранешниот висок координатор за Блискиот Исток, Брет Мекгурк.

Кризата драматично се заостри по израелскиот воздушен напад врз дипломатски објект во Дамаск на 1 април 2024 година, кога загина високиот ирански командант Мохамед Реза Захеди. Настанот поттикна подготовка за масовен одговор од Техеран, додека паралелно растеше револтот во Белата куќа поради израелските воени операции во Рафах и загинувањето на седум хуманитарци од организацијата „World Central Kitchen“.

За време на еден од тензичните телефонски разговори, Бајден отворено му се спротивставил на израелскиот премиер со остри предупредувања за прекин на американската воена помош.

„Биби, човеку, што по ѓаволите правиш? Дали мислиш дека јас сум Дедо Мраз? Во Израел нема Дедо Мраз, пријателе“, вели Џо Бајден.

Кога Иран на 13 април лансираше околу 200 беспилотни летала, 30 крстосувачки и повеќе од 100 балистички ракети, американските воени сили активно се вклучија во пресретнувањето на целите. Бајден со соработниците во кризната соба будно го следел пресретнувањето на проектилите, по што веднаш побарал запирање на натамошните дејствија.

„Тукушто му го спасив задникот“, вели Џо Бајден.

Американскиот лидер тогаш побарал од Нетанјаху да ја прифати победата и да се воздржи од масивен контранапад со цел да се избегне целосен пожар во регионот. Мекгурк заклучува дека токму американското воено учество и решителниот дипломатски притисок го спречиле најлошото сценарио.