На вториот ден од привремениот прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас предвидено е да продолжи ослободувањето на израелските заложници и палестинските затвореници.
Израелските власти соопштија дека ослободувањето на палестинските затвореници ќе се случи во 16 часот по локално време.
Хамас, на првиот ден од привременото примирје, ослободи 24 заложници, од кои 13 Израелци, 10 Тајланѓани и еден Филипинец, а Израел ослободи 39 Палестинки и малолетни лица. Согласно Договорот за четиридневен прекин на огнот предвидено е да се ослободат најмалку 50 заложници од Појасот Газа во замена за 150 палестински затвореници од израелските затвори.
Тоа е прв прекин на огнот од почетокот на конфликтот на 7 октомври кога Хамас го нападна Израел. Првично примирјето требаше да стапи во сила, но почна вчера во 7 часот по локално време.
Четиридневното примирје, постигнато со посредство на Катар, Египет и САД предвидува „целосен прекин на огнот без напади од воздух или земја“ и небо без беспилотни летала за „да се овозможи ослободувањето на заложниците во безбедна средина“.
Договорот, исто така, има за цел да обезбеди дополнителна помош за 2,4 милиони жители на Појасот Газа, кои се соочуваат со недостиг на основни добра откако Израел ја заостри опсадата на енклавата.
ОН соопштија дека вкупно 137 камиони со храна, вода, лекови и други неопходни работи се истоварени во Газа од почетокот на примирјето. Исто така се доставени и 129.000 литри гориво и четири камиони со гас.