Македонската ракометна репрезентација загуби си 34-24 од Холандија во рамки на второто коло од групата Ф на Светското првенство што се одржува во Шведска и Полска. Нашиот тим по втор пат загуби со двоцифрена разликата откако во првото коло Норвешка нѐ совлада со 12 голови.

Македонија беше конкурентна само во почетните неколку минути, кога водевме со 3-2. Потоа следуваше серија од 5-0 по која Холандија го презема водството и само го зголемуваше до самиот крај. Следуваше уште една серија од 4-0 во првиот дел, па нашиот тим на паузата замина со негатива од 11-18.

Нашата игра се подобри во еден дел од второто полувреме, кога селекторот Кирил Лазаров реши да игра со „фластер“ за Лук Стајнс, па успеавме да дојдеме до негатива од четири разлика и не реализиравме зицер за -3. Холандија брзо казни на спротивната страна, бидејќи направивме неколку технички грешки, па разликата во финишот дојде до највисоки -11, а конечниот резултат беше 24-34.

Филип Кузмановски и Жарко Пешевски постигнаа по четири погодоци за Македонија, а Ненад Костески и Дејан Манасков имаа по три. На голот Никола Митревски забележа седум одбрани, а Мартин Томовски три.

Кај Холандија, Каи Смитс постигна десет погодоци, а голманот Барт Равенсбергерн имаше 12 интервенции.

Нашата репрезентација во вторник ја очекува последниот дуел во групата против Аргентина на кој мораме да победиме за прогрес во следната фаза од Светското првенство. Холандија со оваа победа се пласираше во главната рунда од турнирот.