Македонската женска сениорска ракометна репрезентација ја забележа втората победа на меѓународниот турнир во Анкара, совладувајќи ја селекцијата на Италија со резултат 28:27. Македонските репрезентативки одиграа борбен и динамичен натпревар, успевајќи да наметнат сопствен ритам во клучните моменти од средбата.

Македонските ракометарки до триумфот дојдоа со целосен пресврт, откако противникот имаше предност од 13:11. Со поангажирана игра во одбраната и поефикасна реализација во нападот, селекцијата успеа да ја надомести негативата и да обезбеди значајна победа во завршницата.

Најефикасни стрелци во македонскиот национален тим беа Јована Кипријановска и Сара Ристовска кои постигнаа по шест погодоци, додека по четири гола реализираа Емилијана Ризоска и Катерина Дамјаноска.

Утре во рамките на третото коло, македонските ракометарки ќе се борат за освојување на првото место на турнирот во директен дуел против домаќинот Турција.

Одигрувањето на контролните натпревари во Анкара претставува дел од подготовките за настапот на македонската селекција на претстојното Европско првенство 2026 година, каде што избраничките на селекторот Игор Марковиќ ќе се натпреваруваат во групната фаза против репрезентациите на Швајцарија, Романија и Норвешка.