Втора седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во нов состав

Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во новиот состав. На седницата беа разгледани и усвоени повеќе прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.

Деполитизација, дигитализација и институционално јакнење

Седницата се одржа со фокус на континуитет, одговорност и јасна визија, при што беше потенцирана потребата од деполитизација на работата на Управниот одбор и зајакнување на институционалните капацитети на општините. Како приоритет беше истакнато воведувањето современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, при што свое обраќање имаше и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, поставен како единствен информативен центар за целата администрација.

Единствен настап и приоритет за комунална полиција

Ѓорѓиевски нагласи дека Управниот одбор на ЗЕЛС ќе продолжи да функционира без политички влијанија и дека по клучните прашања ќе се настапува со единствен и заеднички став. Како јасен приоритет повторно беше истакнато воведувањето на комунална полиција преку законски измени, со цел воспоставување поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво. Според него, обединетото делување на ЗЕЛС ја зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.