Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека интересите на големите сили и натаму се судираат на Балканот. Тој порача дека независна и самостојна Србија и денес претставува проблем за дел од меѓународните фактори.
Вучиќ ова го изјави во пресрет на одбележувањето на Денот на сеќавање на сите загинати и прогонети во воената операција „Олуја“, кое ќе се одржи во Мркоњиќ Град.
Според српскиот претседател, ситуацијата на Балканот во тој поглед не е променета. Тој нагласи дека Република Српска останува еден од клучните партнери на Србија.
Вучиќ оцени дека токму благодарение на Република Српска, Босна и Херцеговина не ја признала независноста на Косово и останала воено неутрална.
Во обраќањето тој се осврна и на политичките противници во Србија, кои ги обвини дека отворено се спротивставуваат на Република Српска и на поврзувањето на српскиот народ. Дел од нив ги нарече „лажни салонски националисти“.
Вучиќ зборуваше и за односот на Црна Гора кон одбележувањето поврзано со „Олуја“. Тој изјави дека претставник на Владата на Црна Гора присуствува на прослава поврзана со „убивањето на Србите“, додека официјална Подгорица не испратила свои претставници на комеморацијата во Мркоњиќ Град.
