Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ја обвини Приштина дека се обидува да ја фалсификува историјата и дека преку, како што наведе, притисоци врз Србите и уривање на викендички на граѓани лојални на Србија, настојува со сила да ги наметне своите правила на Косово. Тој оцени дека најавените ограничувања за туристичките тури до српските манастири претставуваат удар врз српскиот идентитет.

Одговарајќи на новинарско прашање за најавата дека од 1 август туристички тури до манастирите на Косово ќе можат да водат само водичи одобрени од институциите во Приштина, Вучиќ изјави дека станува збор за уште еден притисок врз српската заедница.

„Теророт на Приштина трае, но ниту еден терор не траел засекогаш“, изјави Вучиќ за време на посетата на стаклениот видиковец на Каблар.

Тој додаде дека Приштина погрешно ги толкува неговите ставови за почитување на Уставот на Србија, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Повелбата на ОН, претставувајќи ги, според него, како закана.

Вучиќ исто така ја обвини Приштина дека со години врши притисок врз манастирот Високи Дечани и дека постојано создава нови проблеми за српското монаштво.

Од косовските институции засега нема реакција на изјавите на српскиот претседател.