Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вонредната прес-конференција по повод грозоморното убиство кое утринава се случи во Белград соопшти нови детали.

-Детето се наоѓа на посебно место, ќе биде сместен во посебен дел од Клиниката за невропсихијатрија. Татко му како сопственик на оружјето кој очигледно непрописно го чувал е уапсен, приведена е мајката. Поради многу лаги и причини кои се шират, должен сум да ја кажам вистината. Настанот е во едно од најдобрите училишта кои ги имаме во нашата земја. Полициските службеници беа на лице место пред почеток на часовите, не рутински, туку професионално. Обезбедувањето добро било вклопено во училиштето. Човекот кој е убиен, дури и разменувал пораки со убиецот, го сакал. Човекот од обезбедувањето бил добриот дух на училиштето, истакна Вучиќ.

Српскиот претседател истакна дека неговите родители биле добро ситуирани и угледни. Таткото имал еден прекршок во животот, бил угледен лекар. Неговата сестра има 10 години, одличен е ученик, и учи во истото училиште како својот брат.

-Детето во својата изјава кажало дека планирало се, тоа на чуден начин го објаснил што не можете да му го објасните на никого кого загубил дете. Мислел да ги фрли молотовите коктели кон влезот за да не влезе никој во школото додека не ја заврши својата работа, тоа го признал, но се исплашил, открива Вучиќ.

Додаде дека Коста барал од своите родители и од училиштето преместување во друго одделение бидејќи го избегнувале соучениците. Барал да се премести бидејќи имал другари во другото одделение.

-Родителите постојано барале од него подобри резултати, а нешто послаби резултати имал откако се заљубил. И во новото одделение никој не сакал да го прифати. И тогаш, по сопствено признание, одлучил да го направи грозоморниот чин. Го чекал денот и се подготвувал за тоа, бил три пати на стрелиште со таткото. Гаѓал во кружна мета, бил добар стрелец. Бил исклучително бил амбициозен. Имал самосталност во изнесување на своето мислење, го интересирале астрофизика, биологија, роботика, се гледал како астрофизичар во иднина. Тренирал карате од 5 години, тренирал и кошарка, одел на школа за глума, рече Вучиќ.

Во однос на пишувањата во медиумите, дека трпел врсничко насилство, претседателот појасни дека во овој случај институциите не потрфлиле. По пријавата во 2021 дека бил удрен со лак во уста од дете на часот по глума биле преземени мерки и било разговарано.

Вучиќ истакна дека во училиштето се пронајдени 57 чаури и 6 куршуми, како и неупотребени шаржери. Посочи и дека постои можност Коста да знаел дека поради возраста не може да одговара за делото.

-Има два проблеми кои ги гледам, едниот е односот во семејството, што прави малолетно дете кое нема 14 години во стрелиште. Втор проблем е по шемата која ја нацртал гледате дека играл некој игра. На тие игри има повеќе животи, гледате дека кај него нема крај. Не разбира што направил и мисли дека за дел од нив на друштвените мрежи станал херој. Децата не можеме да ги вратиме, но можеме да се обидеме барем некоја нова национална трагедија да спречиме, истакна Вучиќ.

Нагласи дека ќе се заложи да има што поголем број полицајци во училиштата, а предложи до Владата и мерки меѓу кои мораториум за издавање дозвола за оружје во следните две години, ревизија на издадените дозволи, контрола на работата на сите стрелишта како и намалување на старосната граница од 14 на 12 години за одговарање за кривични дела.