Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Берлин разговараше за продолжување на бриселскиот дијалог со премиерот на Косово, Албин Курти и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ, Курти и Лајчак разговараа за време на неформалната работна вечера, организирана од германскиот канцелар Олаф Шолц, објави на Твитер специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина.

Лајчак наведе дека разговорите ќе продолжат на 13 мај на ниво на главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.

– Ја поздравувам можноста да разговарам за време на неформалната вечера за дијалог со премиерот Курти и претседателот Вучиќ во Берлин. Благодарен сум на германската влада на домаќинството. Ќе ја продолжиме дискусијата на ниво на главни преговарачи на 13 мај, напиша Лајчак.

Претходно, германскиот канцелар Шолц имаше одвоени средби со Курти и со Вучиќ.

Во пресрет на вечерата, Вучиќ, Курти и Лајчак разговараа со специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин и еден од советниците на Шолц.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ им се заблагодари на германските домаќини за, како што наведе, организирањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Се огласи и премиерката Ана Брнабиќ која оцени дека денешната средба на Вучиќ со Шолц во Берлин е исклучително важна за Србија.

– Честитки до претседателот Александар Вучиќ што најде начин и овојпат да ја одбрани и заштити позицијата на Србија, голема благодарност до германскиот канцелар Олаф Шолц, инвеститорите и сите германски партнери за нивното разбирање и почит, напиша премиерката Брнабиќ на Твитер.