Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на седницата на Националното собрание на која се расправа за Косово рече дека целта на денешниот ден не е одговорноста да се префрли ниту на тој дом, ниту на народот во целина, ниту на кој било и потенцираше дека никогаш не бегал од своите обврски како претседател на Републиката.
Тој посочи дека најтешкиот дел од француско-германскиот план е точката 4 во која се вели дека „Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“. Вучиќ презентираше и план од десет точки за политиката на Србија во наредниот период.
-Денеска ќе зборувам и ќе ги посочам сите најлоши точки од таканаречената француско-германска иницијатива и нема да кријам ништо. Значи, нема да ви зборувам за некои поубави работи од планот, туку ќе зборувам за најтешко и најлошо за Србија, затоа што сакам да бидам одговорен и фер кон граѓаните на Србија, за народот на Србија да знае дека ниту нивниот претседател, ниту нивната влада, ниту нивниот парламент немаат што да кријат од нив, посочи Вучиќ.
Тој наведува дека најважно е денеска, поважно од планот, кој, како што рече, не смее да го изнесе во јавност во целост, туку ќе го прикаже сето она што е најлошо за Србија, а тоа се околностите, моментот, моментумот, временската рамка во која сè се случува.
-Денес сме сведоци на еден вид трета светска војна, која ќе биде пообемна во месеците што следат. Овој конфликт само ќе станува потежок и поголем. Кога го имаме тоа на ум, јасно е дека некои мали земји не можат да имаат толкава слобода колку што тие малите би сакале да имаат, и за живот и за донесување одлуки. Ние сме една од ретките земји која носи свои одлуки. Поради тоа се гордеам со таква Србија, вели српскиот претседател.
Тој потенцира дека е важно да се согледа како Србија дошла во ваква позиција.
– Од избувнувањето на војната во Украина на 24 февруари 2022 година, постои општа политичка офанзива на Приштина заедно со дел од западните сојузници за промена на ситуацијата на терен. Од ветувањето на Квинта групата и ЕУ дека ќе направи сè за да може нашиот народ да учествува на избори, а потоа противењето на Курти да направи нешто такво. Мислеа дека тоа ќе влијае на изборите во Србија. Се разбира, Србите голтаа кнедли знаејќи дека им ги ускратуваат основните права од што зависи нивниот цивилизиран живот. Тогаш работите почнаа да се влошуваат, истакнува Вучиќ.
– Приштина не сака да формира Заедница на српските општини на Косово и Метохија, иако тоа беше предвидено со Бриселскиот договор уште во 2013 година, туку само да предизвика воен конфликт и Србија да влезе во конфлик со НАТО и со целиот свет и да се претстават себеси како жртви и како балкански Зеленски, рече Вучиќ.
Тој вели дека „режимот во Приштина почнал да ги малтретира Србите на Косово само со цел да ги понижи и да предизвика конфликт“.
Вучиќ рече дека по повлекувањето на Србите од косовските институции, Приштина закажала избори за декември во четирите српски општини на северот на Косово, а потоа, иако ветиле дека ќе ги одложат, само 12,5 часа пред официјализирањето на таа одлука, која веќе ја знаеле, испратиле специјалци да ги окупираат просториите на општинските изборни комисии на северот на Косово.
Зборувајќи за т.н француско-германскиот план, Вучиќ вели дека 90 проценти од она што излезе во јавноста е точно.
Тој наведува и дека овој план во јавноста го објавиле „некои од меѓународната заедница кои тоа го сакале“.
-Планот што јас го добив не беше објавен, има мали разлики. Значи, тоа го направил некој друг што сакал да го објави јавно и секако од приштинска страна, со цел да предизвика хистерија во Белград, за тиа повторно да испаднат добри момци, а Србите виновни за сè, рече Вучиќ.
– Во тој план, во самата преамбула е можеби единствената добра работа, во која се вели: „Поаѓајќи од историските факти и не доведувајќи ги во прашање различните гледишта на страните за фундаменталните прашања, вклучително и статусните прашања“. Таму, по првпат ни дозволуваат поинаку да гледаме на статусното прашање на Косово во однос на она што тие го нарекуваат Косово, а ние го нарекуваме Приштина, вели Вучиќ.
Сепак, тој укажа дека понатаму во планот тоа се дерогира, како и таа одредба на која би можеле да се повикаат. Српскиот претседател особено ја истакна точката 4, поточно вториот став, во кој се вели дека „Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“.
-И да се противиме и да не се противиме пред Советот на Европа, во моментот кога ќе одлучат, ќе имаат мнозинство. И да се противиме и да не се противиме за НАТО, ќе имаат мнозинство. И да се противиме и да не се противиме за ЕУ, тоа ќе биде нивна одлука, рече Вучиќ.
Српскиот претседател, посочувајќи дека со тоа било јасно дека Србија е пред избор, а секој избор има последици, продолжи со излагањето во Парламентот ги изнесе десетте точки за политиката на Србија во следниот период.
Под точка еден, тој рече дека политиката на Србија во наредниот период ќе биде „да ги зачува мирот и стабилноста на речиси секој начин и по секоја цена, да се воздржува и да не одговара на провокации доколку не се загрозени имотите и животите на луѓето како во 2004 година“.
– Точка два – е упорно инсистирање за формирање на ЗСО, која мора да биде правна и физичка рамка за правата на нашиот народ на Косово и Метохија. Да не размислуваме како ќе забранат лекови, како ќе дојде храна, весници и се останато, рече Вучиќ.
– Под три е безбедноста на Србите во Косово. Безбедноста за Србите е дел и од точката за мир и стабилност и од точката на ЗСО. – Под четири е подобар живот за нашиот народ во Косово. Вложуваме многу пари, многу инвестиции, речиси 900 милиони евра, рече Вучиќ.
– Пет, вели Вучиќ, за разлика од оние кои сакаат да извикуваат слогани, тој рече дека Србија ќе разговара и за најлошите документи, бидејќи Србија нема право да ги повторува искуствата од минатото. – Да, дискусии, преговори, кои се однесуваат на сите клучни прашања, до дискусии за симболи, до дискусии за сè, за тоа кој, како да биде застапен во бројни тела, вели Вучиќ.
Под шест е зачувување на виталните државни и национални интереси, појаснувајќи дека Србија ќе ја задржи воената неутралност, како и можноста за самостојно одлучување.
Точката седум е Србија да остане на европскиот пат. – Лажат кога велат дека 43 отсто од луѓето се за останување на европскиот пат,бидејќи процентот е многу помал. Европскиот пат значи многу работи за Србија, и инвестиции и стандарди, и плати и пензии. Очекуваме дека до крајот на годината просечната плата ќе надмине 800 евра. Ни треба тој пат бидејќи денес живееме во друга реалност. Денес сме опкружени со земји кои се или во НАТО или НАТО е таму. А дел од нашата територија е НАТО. А каде ќе одиме во случај на конфликт, како да ги сочуваме нашите плати и пензии Вложивме премногу труд, потенцира Вучиќ.
Точката осум подразбира раст на Србија, во смисла на здравство, енергетика, храна и војска. Точката девет значи продолжување на разговорите. Тој потенцира дека е неопходно продолжување на разговорите, бидејќи во спротивно Србија може да биде изолирана. – Не можеме да функционираме сами, потенцира Вучиќ.
Точката 10, според Вучиќ, е програмата Србија 2025., која се занимава со пораст на платите и демографските проблеми.