„Mултиетничкиот Устав не дозволува формирање на моноетнички заедници“, го повтори својот став премиерот на Косово, Албин Курти, на 1 февруари во Урошевац. Тој додаде дека Србија е таа што сака етнички поделби на Косово и ѝ порача, тоа да се „да се обиде да го направо дома“.

Во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализирање на односите, кој се води со посредство на Европската унија, беше договорено формирање заедница на општини со српско мнозинство.

И додека Белград инсистира на нејзино формирање, Приштина одбива со образложение дека Уставот не дозволува здружување на национална основа, но и поради загриженост дека заедницата може да стане нов ентитет, како Република Српска во Босна и Херцеговина.

„Националните малцинства во Србија сочинуваат околу 20 проценти, националните малцинства во Косово се околу седум проценти (од населението), Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, а Прешево, Медвеѓа и Бујановац да имаат само Национален совет, тоа е неправедно, штетно и неприфатливо“, рече Курти.

Тој рече дека е отворен за разговори со Србија за нормализација на односите врз основа на предлозите на ЕУ, но дека прво мора да ги почитува Уставот и законите на Косово.

Поради одбивањето на Косово да започне формирање Заедница на општини со српско мнозинство, амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина одржа дискусија на таа тема на 31 јануари, на која присуствуваа претставници на Владата и Претседателството на Косово, како и опозициските политички партиите и граѓанското општество.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово Џефри Ховениер изјави дека неговата земја „не поддржува никаков договор што го прекршува Уставот на Косово“ или што „го загрозува суверенитетот, независноста и мултиетничкиот карактер на Косово“.

Сепак, тој подвлече дека САД очекуваат Косово да ги исполни своите обврски и повторно ја повика Владата да даде свои предлози за формирање на Заедницата.