Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа во Белград изјави дека имал „отворен и пријателски разговор“ со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. „Отворен и пријателски разговор со Мирослав Лајчак. Кога велам отворен, навистина го мислам. Сфативте се“, напиша Вучиќ на Инстаграм по средбата со европскиот функционер. Вучиќ пред средбата објави видео порака на Инстаграм во која вели дека „ќе продолжи да ја брани Србија“ и дека Западот „може да сонува за меѓусебно признавање“ на Белград и Приштина.
Претходно, белградските медиуми објавија дека Вучиќ на состанокот на Српската напредна партија рекол дека е подготвен да оди на предвремени избори како кандидат за премиер и дека „нема да попушти пред уцените на Западот, и лажните десничари“. Лајчак претходно беше во од Приштина каде што со премиерот на Косово Албин Курти, разговараше за процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, вклучително и за продолжување на бриселскиот дијалог на највисоко ниво.
Курти по средбата рече дека Приштина го прифаќа планот на ЕУ за нормализација на односите со Белград, дека тоа е „добра основа за понатамошни дискусии и напредок“ и додаде дека за време на разговорите во Брисел ќе „постави некои прашања“ за тој предлог. На 20 јануари, по состанокот со Западната петорка во Белград, Вучиќ рече дека Србија е „подготвена да го прифати концептот и да работи на имплементација“ на планот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Во минатата недела на специјална седница на српскиот Парламент, Вучиќ изјави дека нема да се согласи за членство на Косово во ОН, што, според него, е предвидено со една од точките на европскиот план.