Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Еуроњуз“ изјави дека се што е потпишано во дијалогот меѓу Белград и Приштина и што е потпишано од претставниците на Европската унија, мора да се спроведе. Тој вели дека, кога станува збор за Заедницата на српските општини, под покровителство на ЕУ, потпишани се четири договори – план за имплементација, принципи, управување и Првиот договор.

Ова се четири договори. Веќе имаме потпишано сè и секако дека е потпишано од претставниците на Европската Унија и тоа мора да се спроведе. И тоа не е крајната цел. Крајната цел е Србите и Албанците да живеат заедно, да живеат многу подобро и да се почитуваат, без непријателство. Не планирам да зборувам за нечија вина, не е важно дали тоа ќе се случи за три месеци или три години, но ако успееме, тоа ќе биде историски успех“, изјави Вучиќ.

На прашањето дали се подготвува за нова рунда разговори со претставниците на Косово и кои се „црвените линии“, претседателот на Србија вели дека не често зборува за црвените линии, бидејќи ако многу се зборува за тоа, тогаш нема вистински преговори и „другата страна ќе инсистира само на тие црвени линии“.

 

Поважно е, според Вучиж, да се разговара соодветно, а тоа „значи обид да се најдат компромисни решенија“.

 

„ Ние сме подготвени да го направиме тоа. Се разбира, двете страни имаат свои црвени линии и не можам да го негирам тоа, но ние, верувам дека двете страни, мораме да направиме многу за нормализирање на ситуацијата меѓу нашите народи, и имајќи го предвид тоа, верувам дека во интерес на двете страни е да се обезбеди слободен проток на стоки, луѓе, капитал. Мора да работиме многу посветено на тоа, како и на спроведување на сите претходни договори“, подвлече Вучиќ.