Финансиската полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра што е доказ дека расчистуваме со криминалот и правиме чекор напред во градењето на темелите на промените, изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележување на денот на Управата на финансиската полиција.

„Кога ја презедовме одговорноста за управување со државата, знаевме дека ќе мораме да се соочиме со еден од најголемите предизвици – да ја вратиме правдата таму каде што била протерана, да изградиме институции што не се плашат, туку делуваат. Наша обврска е да воспоставиме систем кој ќе ги штити чесните, а ќе ги изведува пред лице на правдата оние што ја краделе државата. Денес, токму тука, испраќаме јасна порака – тоа време дојде“, рече Мицкоски.

Како што рече, сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра. Овие пари се на граѓаните, и ова е пример како се штити имиџот на државата, рече премиерот.

Зад бројките, изјави Мицкоски, се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. И во таа битка за правда нема партиска припадност нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна, додаде премиерот според кој бројките се најсилен доказ дека државата се буди и дејствува, нема веќе недопирливи и молк.

  • „Да не се заборави дека борбата против криминалот не е борба на една институција. Тоа е борба за душата на државата, за заедничката иднина. Каква иднина ќе оставиме за нашите деца, зависи од тоа сега што ќе го направиме. А Македонија е уморна од чекање и нема втора шанса, ова всушност е последната шанса. Ние не градиме само економија и патишта – ние градиме правда. Ние не зборуваме само за развој – ние зборуваме за ослободување од стравот, од неказнивоста, од мафијата во клучните сектори. На сите кои ја злоупотребиле довербата – им порачуваме: Ќе одговарате. На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата. И на граѓаните – да знаете: Оваа Влада стои зад вас. Не зад криминалците. Не зад тајкуните. Туку зад секој човек што верува во правда“, додаде Мицкоски.