Франција како претседавач со Советот на ЕУ, на земјите членки им го презентираше малку подетално предлогот за Европска политичка заедница, но дебатата и заклучоците допрва ќе бидат предмет на темелна расправа во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во документот кој француската делегација им ја испрати на сите други 26 земји членки Париз јасно нагласува дека не ја смета оваа политичка заедница како алтернатива за полноправно членство, туку начин да се хармонизира политиката на целиот европски континент во контекст на војната во Украина и новите односи со Русија.
-Европската политичка заедница не би била алтернатива за членство во ЕУ и не би била супститут за процесот на проширување. За европските држави кои сакаат да и се приклучат на ЕУ, таа, напротив, би овозможила зајакнување на врските со земјите членки на ЕУ пред пристапувањето, како политички како и во однос на придружено учество во некои ЕУ политики, вклучително и, кога е соодветно, преку постепена интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ, објаснува земјата претседавач на ЕУ неколку дена пред клучниот јунски самит на кој ќе се разговара за предлогот, формулиран од францускиот претседател Емануел Макрон.
Што се однесува до законската структура на оваа заедница, таа би била лесна но со почит кон одлучувачкиот процес на самата Европска Унија и на другите земји кои би ја сочинувале заедницата.
Состаноците би се одржувале неколку пати годишно на лидерско и министерско ниво.
Париз оценува дека би било корисно во овој контекст на војна на европско тло да се воспостави платформа која ќе ги собере сите земји кои се дел од европското семејство во дух на еднаквост, без разлика дали се членки на ЕУ.
-Мораме да го вратиме чувството на заедништво, се потенцира во документот и се смета дека преку оваа заедница би се зацврстиле токму економските, политичките, културните и безбедносните врски помеѓу сите нејзини членки. Европската политичка заедница би била место каде ќе се координира одлучувањето и соработката во цела Европа за сите клучни политики, од надворешна до климатска, енергетска, миграциска или инфраструктурна, образложува француското претседателство.
Поттикот за овој проект е несомнена руската агресија врз Украина која ги тера земјите на ЕУ и нивните партнери на континентот да делуваат координирано, а целта е и да му се помогне на Киев да напредува на патот кон членство во ЕУ.
На самитот лидерите на ЕУ ќе донесат одлука за кандидатскиот статус на Украина, Молдавија и Грузија, но шансите таа одлука да биде позитивна се многу мали во овој момент, според дипломатите.
-Кој и да биде стадиумот кој ќе се постигне на овој Европски Совет, политиката на проширување, поради реформските барања потребни за членство во ЕУ и времетраењето кое нужно следува, не ја нуди денеска потребната политичка рамка за да се одговори на итните историски и геополитички потреби кои произлегоа од војната врз Украина, стои во документот.
Поради ова Париз предлага брзо креирање на ваква Европска политичка заедница за да можат сите европски држави да учествуваат и придонесуваат за стабилноста и просперитетот на континентот, вели документот.
-Европската политичка заедница би била отворена за сите европски држави кои споделуваат заеднички вредности, без разлика дали се членки на ЕУ и без разлика на природата на нивниот сегашен однос со ЕУ, дали сакаат да станат членки, дали ја напуштиле ЕУ, дали не планираат да и се придружат или се само поврзани со економски договори, нагласува Франција.
Овој предлог на 23 и 24 јуни ќе биде на масата на шефовите на држави и влади на ЕУ на јунскиот самит, а несомнено ќе биде дел и од разговорите со лидерите од Западен Балкан кои ќе се сретнат со нивните колеги од ЕУ на 23 јуни пред почетокот на лидерскиот самит.
Од конференцијата со земјите од Западен Балкан не се очекуваат заклучоци, целта е да се опипа пулсот на регионот на највисоко лидерско ниво.