За ископаниот, но недовршен тунел за бегство, кој беше пронајден кај затворот „Идризово“ има суспендирани вработени, но директорот на казнено-поправната установа, Зоран Јовановски, не открива колкумина се и за какви профили се работи.
Јовановски очекува наскоро да биде поднесен обвинителниот акт.за ископаниот тунел од четириесетина метри и тогаш да бидат објавени и имињата.
„Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се ниту, пак, какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Набргу очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките“, вели директорот Јовановски во продолжението од интервјуто за „Макфакс“.
Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници осудени за сериозни кривични дела, со казни од 10 години до доживотен затвор.