Целосна поддршка од Литванија за забрзување на евроинтеграциите на Северна Македонија пренесе во Скопје шефот на литванската дипломатија Габриелиус Ландсбергис. За властите во Скопје исполнети се сите услови за почеток на преговорите и одговорноста за одлуката сега е на Софија и на Брисел.

– На денешната средба ја истакнав цврстата поддршка на Литванија на евроинтегративните цели на Северна Македонија. Сега е времето да се постигне јасен исчекор без какво било одлагање на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија треба да се одржат пред крајот на француското претседателство. Во прашање е кредибилитет на ЕУ ако не можеме да ги испорачаме ветувањата за политиката на отворена врата дадени пред неколку децении, порача Ландсбергис.

Според него, ниту една земја не може да го држи целиот пристапен процес во заложништво и крајно време е да се постават прашања за вистинските мотиви.

– Веројатно не постои подобро време кога нашите европски вредности биле поставени на тест и ние се наоѓаме на крстопат кога можеме или да изгубиме кредибилитет или да излеземе од тоа посилни. Досега Европа за време на кризите, секогаш излегуваше посилна и убеден сум дека и овој пат нема да биде различно, рече министерот Ландсбергис, кој вели дека се уште се надева оти следните два месеци од француското претседателство ќе донесат позитивни резултати и нема да има потреба од раздвојување на Скопје и Тирана на патот на евроинтеграциите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак истакна дека се неопходни геостратешки одлуки налик на оние во 2004 и 2007 година, кои ќе го зајакнат европскиот курс на регионот, ќе го задржат кредибилитетот на Унијата во регионот и ќе ги одвратат влијанијата на останатите геополитички центри на моќ. Забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и Албанија преку почетокот на преговорите, е најдобриот начин за тоа, а одлуката е на Софија и Брисел, нагласи Османи.

– Ние за рокови не можеме да зборуваме, бидејќи навистина ние не сме тие што одлучуваме. Ние бевме одговорни да ги исполниме сите услови за почеток на преговори, да бидеме конструктивни во овие разговори и покрај тоа што прашањата не се поврзани едни со други, меѓутоа топката повеќе не е во нашиот двор. Топката е во Софија и во Брисел. Дали тие ќе одлучат да преземат стратешко лидерство во овие моменти или не е нивно и нивна одговорност, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со Ландсбергис.

Според Османи, со одолговлекување на процесот се намалува енергијата во земјава, како и поддршката на граѓаните, но нема повлекување од стратешката цел за членство во ЕУ.

– Никогаш нема да се повлечеме од нашата амбиција за ЕУ и сметам дека бевме и сме пример на земја кандидат која ги надминува бараните базични услови за започнување на преговори со 40 проценти европско законодавство, кое е веќе дел од нашето законодавство, земја која е лидер во регионот по однос на политичките и економските критериуми, лидер по однос на односот кон мултиетничноста, лидер по односот кон соседите. Мислам дека уште има можност и шанса, ќе продолжиме да бараме решение, меѓутоа ова е пораката што ја праќаме и до Република Бугарија и до ЕУ дека полека се намалува можноста целото општество да се посвети на ова прашање. Затоа треба сега да се најде начин да се донесе одлука за почеток на преговорите, но ние повеќе не можеме и немаме што да правиме, рече Османи.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вчера во гостувањето на „Утрински брифинг“, во однос на преговорите со Бугарија, исто така, нагласи дека процесот не го врзува со датуми, но и дека доколку наскоро не се дојде до решение, трпението на двете страни ќе биде сигурно намалено и ентузијазмот за решавање, но и дека процесот на европски интеграции и сто години да трае, не може да има ефект на промена на идентитетот.

– Ние знаеме кои сме и што сме и знаеме дека нација не може да се создаде со одлука, ниту да се избрише со одлука, ниту пак тоа може да биде целта во 21 век, во 2022 година, така што ние инсистиравме на едно достоинствено решение и до сега во текот на разговорите, кажа вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ потенцираше дека Владата не се откажува од членството во ЕУ, не се откажува од реформите, ниту пак од желбата Северна Македонија да биде членка на ЕУ и европска држава со сите стандарди.

– Тоа е таа агенда од која оваа Влада нема никогаш да се откаже. Тоа не значи дека сме подготвени на какво било решение, на решение коешто би го нарушило нашето достоинство, идентитет и нашите интереси, истакна вицепремиерот додавајќи дека сакаат да продолжат разговорите со Бугарија во една пријателска насока, со цел да се најде решение, да се тргне ветото.

Италијанскиот премиер Марио Драги вчера повика на „итен“ почеток на официјалните пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ во согласност со одлуката донесена од Европскиот совет во март 2020 година“ и побара „забрзување“ на преговорите со Србија и Црна Гора, пренесе Бета.

Во време кога ЕУ го зајакна единството и ја поддржа Украина во борбата против руската офанзива, „целосната интеграција на земјите кои покажуваат европски аспирации не претставува закана за европскиот проект, тоа е дел од неговата реализација“, рече Драги во говор во Европскиот парламент во Стразбур.

– Треба да го следиме процесот на пристапување што го воспоставивме, но и во тоа треба да дејствуваме што е можно поскоро, нагласи Драги кој го поддржува влезот на сите земји од ЗБ, како и на Украина во ЕУ.

Со видео конференција на платформата ЗУМ вчера беше претставен новиот Клуб за бугарско-македонско пријателство, чија цел е да придонесе за искрен дијалог и зближувањето на двете општества, водејќи се од европските принципи и заедничката европска иднина. Според поранешниот премиер Владо Бучковски кој е дел од оваа платформа, врз основа на Договорот од 2017-та, со дополнителни напори од двете општества треба да се изгради еден амбиент за пред сè меѓусебна поддршка и разбирање и со барање до двете влади да дојдат до одржливо решение при што ниту едната, ниту другата страна нема да се чувствуваат понижени.

– Треба да се даде шанса на еден поинаков начин на граѓански активизам и на тој начин да се создаде една поинаква атмосфера во двете општества, бидејќи очигледно е дека во последните неколку месеци сведоци сме на предоминантен говор на омразата во медиумите така што искрени се намерите. Мислам дека во настаните што следат, амбициозна е програмата на оваа платформа за пријателство и соработка на двете општества, вели Бучковски.

Бугарскиот професор Стефан Дечев, историчар и предавач на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“, вели дека овој заеднички клуб предлага враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кој, според него, и покрај сите критики е добра основа за развој на заемните односи.

– На прво место тргнавме од позицијата тоа што има два документа и во бугарскиот и во македонскиот Парламент кои исцртуваат црвени линии. Тие документи се чиста идеологија и со таа идеологија ние нема да стигнеме до никаде во следните години. Со тоа единствено се оптоваруваат нашите односи и не одговараат на постигнувањата на социјалните и хуманитарните науки, туку ја претставуваат бугарската и македонската романтичарска идеологија, рече Дечев.

Втората причина за основање на овој Клуб, според него, е состојбата во медиумите и во Бугарија и во Северна Македонија, кај кои, оценува, преовладуваат националистички наративи кои, „го трујат и бугарското и македонското јавно мислење во последните две години“.