Денес во Стопанската комора на Македонија Здружението на енергетичари на Mакедонија – ЗЕМАК организира панел дискусија на тема: „Презентација на проектот и дискусија за ПАХЕЦ Чебрен“.

Покрај панелистите проф. д-р Вангел Фуштиќ; м-р Виктор Андонов, дипл.ел.инж; д-р Александар Дединец и д-р Ристо Јаневски дипл.ел.инж, учество ќе земат и поголем број на членови на Здружението на инженери на Македонија од сите градови, кои низ прашања и конструктивна дебата ќе го изразат огромното јавно незадоволство и спротивставување на владината одлука за доделување на концесија за користење на водата на Црна река за производство на електрична енергија на грчкиот ППЦ-Архиродон. Инженерите на Република Македонија ќе ги конфронтираат своите ставови со ставовите на панелистите помеѓу кои се и владините советници кои ја подготвиле и донеле оваа штетна одлука.

Македонските инженери – енергетичари од ова Здружение упатуваат јасен сигнал кон Владата дека ваквата штетна одлука мора да се преиспита и да се повлече. Воедно тие упатуваат апел до сите сограѓани да дојдат во Стопанската комора на Македонија на панел дискусијата и да дадат придонес во спречувањето на овој злочин од кој последиците ќе ги трпат сите македонските граѓани и поколенијата.

Досега инженерите со неколку протести под мотото „Чебрен и водите мора да бидат македонски“ го манифестираа незадоволството од ваквата лоша владина одлука. Според нив штетата (злочинот) што се прави со издавањето на ПАХЕЦ Чебрен на 60 годишна концесија на странци е огромна.

„Недозволиво да се преговара и договара со која било странска или домашна компанија за доделување на концесија за користење на водата на Црна Река за производство на електрична енергија. Токму хидроцентралата Чебрен која мора да биде македонска и Македонија да биде нејзин инвеститор, е најголемиот и најважниот енергетски проект со стратегиска важност за одржување енергетската независност на Македонија. Инсталираниот минимален капацитет од 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во голема мера енергетски независна после 2028 година, кога поради ‘Зелената транзиција’ треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола. Исто така, недозволиво е ХЕЦ Тиквеш да се подарува – нашите води не се за продажба! Македонските природни богатства не смеат да се узурпираат и да се распродаваат на домашни и странски компании“, велат од ЗЕМАК.