Со низа настани денеска во земјава ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски, и патронен празник на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Во Собранието на Република Македонија ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Свети Климент Охридски, средновековен писател и педагог, ученик на светите Кирил и Методиј, основоположник на Охридската книжевна школа, прв словенски епископ во Македонија, патрон на градот Охрид и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Роден бил околу 830 – 840 година.
Како следбеник на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делото свети Климент и свети Наум Охридски започнаа христијанизацијата на територијата на Македонија, како и просветата, книжевноста, уметноста и културата..
Ниедна личност не е толку сврзана со овој народ како што е свети Климент Охридски. Затоа го нарекуваме наш најголем светител, просветител и учител.
Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска, духовна и душегрижничка. Наречен е просветител, со полното значење на зборот просвета (prosvyÃenie = prosvetenie). Станува почеток на нашата средновековна книжевност. Неговите творби се најубавите дела на старомакедонскиот словенски јазик и писмо.
Животот го посветил на Бога и на народот. Свети Климент го основал Охридскиот универзитет, кој се смета за прв словенски универзитет и прв универзитет во Европа.
На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки. Се создавала нова книжевност и просвета. Во Европа влегла христијанската цивилизација на новиот јазик на Словените. Започнал новиот период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација.
Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието.