Сашо Тасевски распали по оние кои го обвинуваат детето што влегло во дворот на комшиите, воедно што даваат поддршка за кучињата. За него и денеска ова е актуелно тема, па се одлучи да раскаже приказна откако тој бил дете како дедо му чувал шарпланинец.
Во продолжение може да го прочитате неговиот Фејсбук статус.
Топли зборови на поддршка за кучето што закла осумгодишно дете, стигаат од многу страни.
Детето било виновно. Родителите не го воспитале, па влегувало во туѓи дворови кадешто нормално е да бидеш заклан од куче кое го чува дворот
Читаш и утробата ти се крева.
Ако колевката на кошарката се САД, на фудбалот Англија, тогаш ние сме колевката на пореметеноста. Немам веќе дилеми.
Пореметени со тапија се на власт, одбрани од исти такви без тапија, ама исто пореметени.
Кога бев копиљ дедо ми чуваше шарпланинка Џина. Ѕвер. Глава ко на лав. Он ја дресираше војнички. Не смееше да афне, да не плаши луѓе. Особено деца. Мои другарчиња. Само ако иде некој ноќе во дворот, ќе најави, онака кратко придушено: Уфф! Паметна ко шахист. Ме сакаше ептен.
Нејсе, еднаш влезе другарче во двор, десетгодишно, ко стопати претходно. Џина го знаеше. Он играл со неа, ја галел и претходно. Од чиста мира го касна над зглобот.
Не беше тоа некоја многу страшна рана но обилно крвареше. Малиов писна, дотрча дедо ми, во кола малиов и јас и во болница.
После пепел во лицето, го однесе дома. Му беше срам и му беше тешко пред неговите родители, баба му и дедо му кои добро ги познаваше
Сабајлето ја зеде Џина, ја однесе негде и застрела со пиштолот.
Ме лажеше дека ја однел во бачило. По еден месец ми кажа баба ми. Го прашав зошто?
Ми рече: НЕ смееше да афне на дете, а не да касне. Следниот пат ќе убиеше. Нешто во главата и се претумбало. Морав. Заслужи.