Истрагата за Пулс го гледа својот крај, а меѓу многуте осомничени е и првиот човек на дуото ДНК, Владимир Блажев – Панчо. Во телевизиско интервју за ТВ24, Коцевски откри дека за едно лице од осомничените, алѕдирајќи за Панчо кој беше дел од музичкиот бенд ДНК, засега нема да се води постапка поради сериозна здравствена состојба.

По трагедијата во дискотеката „Пулс“ на 16 март, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека истрагата е официјално завршена, а одбраната од денеска добива увид во доказите.

  • – Има лица кои се во тешка здравствена состојба и во консултација со лекарите е одлучено дека не се во состојба ниту да дадат изјава, ниту да се води постапка – рече Коцевски, одбивајќи да наведе имиња, но потврдувајќи дека меѓу нив има и осомничени поврзани со пиротехниката.

Седум членови на ДНК загинаа во пожарот

Во несреќата трагично загинаа седум членови на тимот на бендот ДНК, меѓу кои и вокалистот Андреј, гитаристот, тапанарот, придружниот вокал и останатите членови од техничкиот тим.

Седум членови на тимот на „ДНК“ меѓу загинатите во пожарот во Кочани

Коцевски потенцира дека сè уште не е донесена конечна одлука за бројот на обвинети, а во следните 15 дена одбраната ќе може да доставува свои докази, кои обвинителството ќе ги разгледа пред да ја донесе јавно-обвинителската одлука.

Продолжува истрагата за улогата на полицијата

Обвинителството најави дека истрагата продолжува во однос на улогата на полицајците кои биле во дискотеката „Пулс“ непосредно пред избувнувањето на пожарот.

  • – Полицијата влегла во „Пулс“ само 15 минути пред пожарот, и таа линија на истрага останува отворена. Не се исклучува можноста да се прошири постапката и тие да станат осомничени – истакна Коцевски.

Истрагата, во која биле ангажирани 13 јавни обвинители, се водела како една од најсложените во поновата историја на правосудниот систем, а јавноста очекува брза и транспарентна разрешница за трагедијата што го потресе целиот регион.