Модификуваниот француски предлог е транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот во овој формат е прифатлив, изјави претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност. Одлуката да се прифати модификуваниот француски предлог, нагласи, нема да биде ниту историски триумф на едната страна, ниту историски неуспех или дебакл за другата страна.
Со прифаќање на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и што е најважно, истакна, со ништо не го поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.
– Очекувам откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, да се донесат владини заклучоци, кои во случај да се прифати овој предлог, би морале да имаат реченица плус, а таа реченица да се повтори во извештајот на Владата до Парламентот, а тоа е дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, не е битно колку години, ако има евентуално дополнителни обиди од бугарска или чија било страна во рамки на тие преговори со Европа повторно да се спомнуваат прашањата македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик, во истиот момент, да не чекаме ни час некој друг да не блокира, туку самите да се повлечеме од тие преговори, нагласи Пендаровски.
Пендаровски оцени дека со овој предлог остануваме на европскиот колосек кој е долг, а до овој момент не губиме ништо и сега е време да го отвориме стратешкиот дијалог меѓу нас овде, не само за постигнување две третини за Уставот. Говореше дека ние ги направивме сите потребни реформи, но проширувањето во Брисел со години е на дното на нивната политичка агенда, а последната нивна одлука за доделување на Украина и на Молдавија е симболична одлука.
Го нарекува транзиционен предлог затоа што ја решава актуелната блокада, но во себа, појасни, може да донесе нова блокада, која најверојатно ќе биде домашна блокада знаејќи ја внатрешната политичка констелација и потребниот праг за уставни промени од две третини, што во моментот изгледа недостижен.
– Во овој услов е содржан и најголемиот парадокс на преговорите. Никој во принцип, дома кај нас нема против влезот на Бугарите во Уставот, но внатрешната поларизација го оневозможува консезусот по тоа прашање, рече Пендаровски и додаде дека овој услов е и најголемата слабост на предлогот, иако уставните измени ќе дојдат на дневен ред по скринингот или според некои експертски проценки дури на почетокот на 2024 година.
– Убеден сум дека не сме можеле да постигнеме повеќе. Држава од 1,8 милиони жители, просечна плата од 500 евра, толку може од позиција на кандидат за членство, рече шефот на државата.
Потенцира дека не тврди оти во преговорите за сето време во изминатите две години не можело да се добие нешто поквалитетно во одредени аспекти, кои би биле детали, но не суштина.
Во однос на тезата дека со овој договор Бугарите ќе не кочат кога сакаат и како сакаат, Пендаровски посочи дека и досега тие кочеа, како сакаа и кога сакаа, и без предлог.
– Таква можност и понатаму има бидејќи тоа е вградено во механизмите по кои секоја држава влегува во ЕУ. Тврдам дека тие механими откако би почнале да преговараме, ќе бидат драстично намалени како можност затоа што овој предлог ќе стане европска рамка, ќе биде редуцирана можноста за т.н. чисти национални блокади од било кого, вклучително и од Софија, изјави Пендаровски.
Билатералниот договор со Бугарија, рече, оди на две нивоа, едното е чиста билатерала еднаш годишно најмалку средба на Владите и заедничка евалуација за тоа што е направено и второ Европската комисија во Брисел прави исто така евалуација што е направено, а што треба да се направи.
Ако Владата го прифати овој предлог, нема само Бугарија да го цени нашиот напредок, истакна Пендаровски, туку и ЕК.
Според Пендаровски, целата ситуација е со исклучително високи политички тензии во земјава, но не верува, како што рече, дека ова е судбинска дилема да се биде или не и за нацијата и за државата, ниту одлука која ќе дефинира идните генерации Македонци и македонски граѓани.
Овој предлог со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, затоа што, вели, за македонскиот јазик има чиста формулација.
Тој искажа уверување дека во неговите разговори со високи претставници на најмоќните европски држави нема добиено впечаток дека тие сакаат да ја разнебитат македонската нација и македонскиот народ. Според Пендаровски, францускиот претседал Макрон и германскиот канцелар Шолц изразиле желба да се обратат во парламентот кај нас, а германскиот канцелар во Скопје би сакал да се обиде да го оживее Берлинскиот процес. Нивниот интерес, смета шефот на државата, е економски.
Со модификуваниот францускиот предлог историјата не е услов и има само една една реченица и во предлогот и во протоколите, тврди Пендаровски. Се препорачува, појасни, историската комисија да ја динамизира нејзината работа и да има помеѓу 8 и 12 средби годишно, без да се сугерира од политичките фактори во која насока да се движи работата.
Пендаровски инсистира, како што рече, час поскоро да започне национална дебата за тоа кој ќе биде нашиот став во однос сите иницијативи и прашања по кои може темелно да биде преуредена политичката архитектура на континентот.