Колку-толку го совладаа и домашниот пазар, а наредната 2022 е година на заздравување на економијата.
За прехранбената индустрија иако извозот немаше бариери, тоа беа поскапувањата. Како што вели Владимир Трпаноски, менаџер во прехранбената индустрија „Витаминка“, нѐ следеа поскапувањата на сировините и на амбалажата што, пак, влијае на цените на производите, а тоа ќе нѐ следи и во 2022, па е добро државата да ги амортизира поскапувањата.
-Реално, 2021 година, според мене, беше продолжение на 2020 година. Дефинитивно може да се каже дека беше тешка година со големи осцилации. Нѐ следеа поскапувања во сировините, амбалажата. Ако ги мериме подобрите резултати што ги имавме со 2020 година, имаме добро сработена година, вели Трпаноски.
За извозот, додава, годинава немавме проблеми во транспортот.
-Се регулираа правилата и прописите за поминувањето на границите. Немавме карантини и застои. Токму поради тоа, се подобри пласманот и имавме успешна година за извозот. Дури има и зголемување за 10 до 15 проценти. И на домашниот пазар имаме 7 до 8 проценти финансиски пораст. Сѐ, на сѐ, подобра е годинава од лани, посочува тој.
Нагласува дека сите финансиски експерти тога го предвидоа и вели дека се во право.
-По ковидот, следува тешка година на опоравување. Гледаме дека поради сите поскапувања годинава, како прехранбена индустрија моравме да реагираме со зголемени цени. Според ситуацијата, не гледаме дека прекинува зголемувањето на цените. Тоа ќе не следи и во 2022 година, а тоа е проблем за куповната моќ на граѓаните, вели Трпаноски
Значи, посочува, добро е ако Владата може да пронајде пат до стопанствениците, да се обиде да ги амортизира поскапувањата кај производителите.
-Тоа е позитивно за нас. Тоа ќе овозможи да не ги зголемуваме цените како што диктираат зголемените цени на репроматеријалите. Во случај на таква амортизација, ќе може да ги задржиме постојните цени. Следува период на опоравување на економијата, порачува Трпаноски.
За градежниците, пак, кои зависат од капиталните проекти, годинава изминува со огромен и уште нерешен проблем – не може да се стигне до градежна дозвола, администрацијата не е функционална. Гордан Бошкоски, менаџер на градежната фирма „Теракота“ смета на државните инвестиции за градежниците да работат.
-Како градежници 2021 година ја оценуваме како неуспешна. Оние проблеми кои ги имавме претходната 2020 година, дел предизвикани можеби и од оваа глобална криза – пандемијата, во 2021 се мултиплицираа и последиците уште повеќе се почувствуваа годинава. Сметам дека единствен начин на раздвижување на она од што е зависен секторот градежништво, се инвестициите од државата. Значи, што повеќе инвестирање и пари во капитални објекти, подобро за градежништвото, вели Бошкоски.
Но, нагласува, и тие инвеститори кои се подготвени да инвестираат, не можат поради проблемот со добивање градежни дозволи и одобренија за градба.
-Тоа особено е карактеристично за Прилеп. Овде ситуацијата е повеќе од катастрофална. Инвеститорите расчистиле сѐ, но не може да дојдат до таа „фамозна“ дозвола, одобрение, за градба. Ако тоа не се реши, нема што да очекуваме наредната година. Сето тоа е кочница за прилепското стопанство, посочува Бошкоски.
Филип Велески, менаџер на текстилна индустрија „Комфи Ангел“ која е речиси целосно извозно ориентирана, вели дека се задоволни од владините интервенции во ковид-кризата, и додава дека се значајни за оваа стопанска година.
-Тековнава 2021 година беше предизвикувачка за стопанството, оттука и за текстилната индустрија. Ние, главно, сме извозно ориентирани. Со оглед и на ковид-кризата која сѐ уште трае, сметам дека за нас беше успешна и сме на добар пат таква да биде и 2022 година. Успешно беше што, и во година на криза, успеавме да ги набавиме сите потребни репроматеријали, да произведеме, да оставиме за купувачите и со тоа да ги обезбедиме сите проекти кои беа договорени за да имаме „добар пат“ во 2022 година и да ги задржиме сите купувачи, порачува Велески.
Мора да се каже, истакнува, дека 2021 година имавме помош од државата во ослободувањето од царина за увоз на репроматеријалите кои доаѓаа од Кина.
-Но, во 2022 година продолжува трендот на повисоки цени. Помага што тоа е глобален проблем, па пазарот има „слух“ за ова поскапување, како и купувачите. Сметам дека ќе успееме да се избориме, иако пораснаа цените на суровините и на репроматеријалите за да имаме успешна година. Мора да се бориме со моменталната ситуација, објаснува Велески.
За актуелната тема „Отворен Балкан“ Велески вели дека е за поздравување, но со усогласени царински прописи, заедничка Стопанска комора и бесцаринска зона.
– „Отворен Балкан“ дефинитивно помага, доколку се тргнат границите и има поголема комуникација, поголема слобода во движењето. Треба да се крене на повисоко ниво, да се донесат прецизни прописи за како да функционира стопанството. Можеби, да има една Балканска стопанска комора која ќе им обезбеди на бизнисите да се поврзат помеѓу себе и да оствариме подобра соработка. Доколку се донесат прописи за безцаринска зона тоа би ни помогнало, особено за извозот за купувачите да не плаќаат увозни царини на одредени производи и со тоа би станале поконкурентни на пазарот на Балканот, изјави Велески, менаџер на текстилната индустрија „Комфи Ангел“