Принцот Арчи и принцезата Лилибет, децата на принцот Хари и Меган Маркл, по четири години повторно се сретнаа со својот дедо, британскиот крал Чарлс Трети.
Бакингемската палата потврди дека кралот Чарлс и кралицата Камила во петокот, 10 јули, ги угостиле принцот Хари, Меган Маркл и нивните две деца на приватна семејна средба.
Средбата се одржала во Хајгроув Хаус, приватната селска резиденција на кралот во Глостершир, Англија.
Од палатата соопштиле дека нема да бидат објавени фотографии од средбата, ниту дополнителни детали, бидејќи станува збор за приватен семеен настан.
Според медиумите, Меган Маркл и децата пристигнале во Велика Британија од нивниот одмор во Европа, за да се сретнат со кралот.
Ова била прва средба во живо меѓу 7-годишниот Арчи, 5-годишната Лилибет и нивниот дедо Чарлс, кој има 77 години, по цели четири години.
Арчи и Лилибет растат во Калифорнија, каде што принцот Хари и Меган Маркл се преселија откако во 2020 година се повлекоа од официјалните кралски должности.
Последен пат децата биле во Велика Британија во јуни 2022 година, кога со своите родители присуствувале на прославите по повод платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора. Тогаш Арчи и Лилибет не се појавија на ниту еден јавен настан.
