Кина повторно ќе ги отвори границите за странски туристи за прв пат од избувнувањето на пандемијата „Ковид-19“ пред три години, дозволувајќи им на сите категории визи да се издаваат од среда.
Укинувањето на оваа мерка за прекугранична контрола, воведена за заштита од Ковид-19, доаѓа откако кинеските власти прогласија победа над вирусот минатиот месец, пренесува Ројтерс.
Во 2019 година, приходите од меѓународниот туризам сочинуваа само 0,9 отсто од бруто домашниот производ на Кина, а изворите од туристичката индустрија не очекуваат голем прилив на посетители на краток рок или значителен економски раст како резултат на тоа, наведува британската агенција.
Обновувањето на туристичките визи е дел од поширокиот потег на Пекинг за нормализирање на патувањето меѓу Кина и светот, откако властите во јануари ги повлекоа советите, граѓаните да не патуваат во странство.
Областите во Кина на кои не им беа потребни визи пред пандемијата ќе се вратат во безвизен режим, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Ова се однесува на јужниот туристички остров Хаинан, кој долго време е омилена дестинација на туристите од Русија, како и на бродовите за крстарење кои минуваат низ пристаништето во Шангај.
Ќе продолжи и безвизниот влез за странци од Хонг Конг и Макао во најпросперитетната кинеска провинција Гуангдонг, што е посебна придобивка за луксузните хотели популарни кај меѓународните деловни патници, според Ројтерс.
Кинеските настани отворени за странски посетители, како што се Кинескиот развоен форум во Пекинг кон крајот на овој месец и Саемот за автомобили во Шангај во април, постепено продолжуваат.
Азиските игри, кои се одржуваат на секои четири години, ќе се одржуваат и во источниот град Хангжу во септември, откако беа одложени минатата година поради мерките за Ковид-19.
Во 2022 година, имало само 115,7 милиони прекугранични патувања во и надвор од Кина, при што бројот на странци изнесувал околу 4,5 милиони, додека во 2019 година, пред избувнувањето на пандемијата „Ковид-19“, Кина забележала вкупно 670 милиони патувања, со странци, според Ројтерс.