Демократскиот сојуз бара забрана на канабис
Демократскиот сојуз повикува на итни промени во законите за производство на канабис за медицински цели, поради злоупотреби и криминални активности во секторот.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели. Повеќе од јасно е дека контролата затаила, поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу наркомафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи наркомафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, соопшти партијата.
Поддршка за акцијата на МВР и јавноста на податоците
„Јавно да бидат објавени сопствениците, формални и неформални, на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн. Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен. Запленетите 32 тони канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој наркобизнис, кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата“, се додава во соопштението.
Одговорност за носителите на функции
„Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите. Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, заклучи Демократскиот сојуз.
