Словачката влада одобри нацрт-закон со кој се предвидува забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години. Предложеното решение треба да спречи развој на зависност, но и да го намали социјалниот притисок и радикализацијата кај младите.
Доколку законот биде изгласан во парламентот, лицата под 16 години нема да можат да креираат профили на социјалните мрежи. Истовремено, од корисниците ќе се бара да ја потврдат својата возраст при креирањето профил.
Во владините документи се наведува дека иницијативата е одговор на сè поголемата улога на интернет-технологиите и социјалните мрежи во ширењето содржини со агресивен, екстремистички или друг штетен карактер.
Предлогот се повикува и на истражувања од областа на психологијата и невронауката. Според нив, адолесценцијата претставува важен период за развојот на идентитетот, критичкото размислување, контролата на емоциите и социјалните односи.
Со предложениот закон би се вовело задолжително докажување на возраста при отворање профил на социјална мрежа. Притоа, давателите на интернет услуги не би добивале пристап до други лични податоци на корисниците.
Критериумите и начинот на проверка на возраста би требало да бидат усогласени со правилата на Европската Унија за дигитални услуги.
