Коалицијата Вреди обвинува дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку медиумите „си пишува писма сам на себе“ за албанскиот јазик, додека, како што тврдат, молчи за купување зграда од пет ката во центарот на Тетово со површина од 1.200 квадратни метри.
Од коалицијата наведуваат дека со години предупредуваат оти зад, како што велат, „лажната грижа“ на ДУИ за правата на Албанците стојат партиски интереси за богатење на раководството.
„Бидејќи Али Ахмети се занимавал со ‘купи-продај’, немал време системски и трајно да ги решава прашањата од суштинска важност за Албанците. Затоа, во наследство ни остави половични и недоречени акти кои сега сака да ги подметне како кукавички јајца“, соопштија од Вреди.
Од таму додаваат дека јавноста очекува одговори за потеклото и сопственоста на имотот.
„Дали новиот имот на ДУИ на атрактивна локација во центарот на Тетово бил во сопственост на Телеком? Дали е точно дека овој имот прво е префрлен на подобно физичко лице со кое ДУИ потоа склучува договор за купопродажба? Каква врска има овој имот со аферата ‘Маѓар Телеком’?“, прашуваат од коалицијата.
Во соопштението потсетуваат дека поранешни директори на „Телеком“ во 2017 година пред Окружниот суд во Њујорк признале вина за исплата на мито од пет милиони евра на политичари од тогашната владина коалиција на СДСМ и ДУИ во 2007 година, со цел одложување на либерализацијата на телекомуникацискиот сектор.
Според нив, во таа постапка биле споменати имињата на Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулахим Касами.
„Нема повеќе простор Али Ахмети да глуми жртва. Митовите за него се рушат како кула од карти“, велат од Вреди.
