Судот во Пекинг одржува судење зад затворени врати за австралиската новинарка и поранешна ТВ водителка, Ченг Леи, во дипломатски случај од висок профил, јави Би-Би-Си.

Ченг е обвинета за незаконско пренесување државни тајни во странство. Нејзиното семејство тврди дека таа е невина.

Австралијката, родена во Кина, работеше за кинескиот државен медиум ЦГТН, пред да ја притворат во август 2020 година.

Канбера неколку пати изрази грижа за нејзиниот притвор и повикуваше да се исполнат „основните стандарди на правдата“.

Австралискиот амбасадор Грахам Флечер денеска пред судницата изјави дека нему и на други австралиски официјални лица, не им е дозволено присуство на судењето. Кинеските судови често им забрануваат присуство на надворешни лица, од судења што се сметаат за политички чувствителни.

Флечер додаде и дека Австралија побарала на Ченг да ѝ биде дозволено да се слушне со своите деца.

– Тие немаат никаков контакт со нивната мајка од притворот, појасни Флечер.

Медиумот потсетува дека Пекинг апсеше или протера голем број новинари во поново време. По апсењето на Ченг, останатите двајца австралиски дописници во Кина, ја напуштија земјата по конзуларно советување.

Писателот Јанг Хенџун, исто така државјанин на Австралија, а роден во Кина, е во кинески притвор веќе три години. Тој ги негира обвинувањата за шпионажа, а се тврди и дека сега е во лоша здравствена состојба.