Данска од понеделник започна со примена на новата програма за задолжителна воена служба, која наместо досегашните четири ќе трае 11 месеци. Во првата генерација се вклучени околу 1.600 воени регрути, а реформата е дел од пошироките напори на земјата за зајакнување на одбранбените капацитети поради војната во Украина и зголемените безбедносни предизвици на Арктикот.

Реформата беше најавена во 2024 година и предвидува значително проширување на системот на воена регрутација. За првпат, задолжителната воена служба ќе ги опфати и жените. Според владините планови, до 2033 година бројот на регрути треба да се зголеми од сегашните 5.000 на 7.500 годишно.

Новата програма предвидува пет месеци основна воена обука, по што следуваат уште шест месеци оперативна служба. Воедно, данските вооружени сили воведуваат и нови специјализирани програми, меѓу кои и единици за управување со беспилотни летала во рамки на Командата за специјални операции.

Истовремено, Данска се подготвува за првпат да испрати регрути на служба во Гренланд. На крајот на месецот, повеќе од 100 војници ќе бидат распоредени на островот, каде што во период од еден месец ќе ги преземат оперативните задачи од професионалните воени единици.

Испраќањето на регрути во Гренланд има и геополитичка тежина, бидејќи се случува во период кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги актуелизираше своите идеи за преземање на контролата врз полуавтономната данска територија.