Новоизбраната претседателка на Клубот, професорката Александра Јелиќ, најави активно учество на жените во креирањето на јавните политики. Таа очекува од новоформираниот клуб да произлезат нови препознатливи лидерки и иновативни политички иницијативи.
Со едногласен избор на Александра Јелиќ за претседател и со избор на координативно тело составено од 18 членови, синоќа во Скопје беше официјално формиран Клубот на жени на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
На основачката конференција, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, упати директен јавен повик до жените масовно да се приклучат кон активностите на политичкото движење.
„Клубот на жени не го гледаме како формална организациска структура, туку како силен политички двигател, кој ќе даде нова енергија на Движењето и ќе биде глас на жените во општеството“, посочи Димитриевски.
Формирањето на ова тело е претходно зацртано и предвидено со официјалниот акциски план на политичкото движење за 2026 година.
„Вратите на ЗНАМ се отворени за секоја жена која има визија, став и храброст да преземе одговорност. Затоа што Македонија не може да оди напред ако половина од нејзиниот потенцијал остане неискористен“, порача Димитриевски.
Новоизбраната претседателка Јелиќ е дипломиран професор за предучилишно образование и постдипломец на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Таа поседува повеќе од две децении работно искуство во областа на воспитанието и образованието, како и во стручното раководење со тимови и реализацијата на домашни и меѓународни проекти.
„Пред себе гледам жени со огромен потенцијал, кои не сакаат да бидат набљудувачи на иднината, туку нејзини креатори. Верувам дека од овој состав ќе произлезат нови лидерки, нови идеи и нова енергија“, истакна Јелиќ.
Според најавите од раководните структури на ЗНАМ, клубот во наредниот период активно ќе работи на значително поголемо вклучување на жените во директното креирање на политиките и во процесите на носење на клучните одлуки.
„Нашата порака е јасна: не бараме простор за да бидеме слушнати, туку преземаме одговорност за да направиме промена“, порача Јелиќ.
