Ученици, наставници, граѓани, претставници на општинската администрација и комунални работници учествуваа во еколошка акција за чистење на повеќе локации во Општина Ѓорче Петров. Акцијата е дел од пошироката иницијатива на Град Скопје, информираше градоначалникот Александар Стојкоски.

Во активностите учествувале и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, како и градоначалници на други скопски општини. Според Стојкоски, целта на акцијата била да се испрати порака дека секој граѓанин има одговорност за средината во која живее.

„Ѓорче се приклучи на големата еколошка акција на Град Скопје. Заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и колегите градоначалници испративме јасна порака: секој од нас има одговорност за местото во кое живее“, напиша Стојкоски на социјалните мрежи.

Тој посочи дека со заедничкиот ангажман било покажано што значи грижата за сопственото маало, улица и општина. Посебно го истакна учеството на учениците и наставниците од основните училишта во Ѓорче Петров.

„Особено ме радува учеството на учениците и наставниците од нашите основни училишта. Денеска децата одржаа важна лекција за сите нас – како со личен пример се гради одговорна заедница“, порача градоначалникот.

Стојкоски им се заблагодари на сограѓаните, учениците, наставниците, вработените во општинската администрација и комуналните работници за вложениот труд, нагласувајќи дека секое исчистено катче претставува придонес за поубава општина.

„Нашите деца заслужуваат чисти училишни дворови, уредни паркови и здрава средина за растење. А ние имаме обврска тоа да им го обезбедиме – со работа, со грижа и со пример, секој ден“, наведе Стојкоски.

Тој ги повика жителите да го зачуваат постигнатото и грижата за животната средина да стане секојдневна навика во сите населби.

„Да го чуваме сработеното. Да ја пренесеме оваа навика во секое маало. Да оставиме зад себе чист простор и добар пример. Наше Ѓорче. Наша грижа. Наша гордост“, порача Стојкоски.