Прмеиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција ја оцени акцијата „Двојник“ како успешна и рече дека е легитимно тоа што негови коалициони партнери имале средби со Седат Пекер, еден од најголемите турски криминалци за кого бил направен пасош со лажен идентитет од службите на МВР.

– Јас сум запознаен кој од коалиционите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно , не може да се каже дека некој има вина поради тоа, затоа што е нормално некој кога ќе побара средба таа и да се закаже, рече Заев.

Според него, луѓето од коалициското опкружување не знаеле во тој момент кога објавувале фотографии со членот на турското подземје дека за него се вадат патни исправи со лажен идентитет.

Заев вели дека не прифаќа тој и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да понесат одговорност, затоа што, како што вели тој, акцијата била успешна.

– Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди, а не да одговара. Ова е неколкумесечна акција која се работи со Интерпол и со регионалниот центар на САД за да се казнат ваквите постапки. Луѓето кои се извадени пред суд и дале 214 државјанства се во притвор. Низ децениите тоа што се случувало, на крајот има успешна завршница за да не се повтори никогаш повеќе, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека еден од контролорите, односно референтите, кои изработувале оригинални пасоши за регионалните криминалци под лажно име, и давал документи на опозицијата да ги објавува за да створи политички тензии и така да се спаси.

– А дека некој се обидува да кокетира со одредени политички субјекти во целиот овој период веројатно да се спаси и да направи политичка тема од ова прашање, ние нема да дозволиме професионалното однесување на МВР и независното работење на правосудните органи да не ја испратат пораката на неказнивост, рече Заев.