– Министерството за правда ги прави последните подготовки пред почетокот на опремувањето на судовите и судниците во земјата со информатичка опрема со која целосно ќе се дигитализира нивната работа. Според планот, во наредните месеци ќе се изврши целосна дигитализација. Целосно ќе се дигитализираат 34 судови и 187 судници, додаде Заев.
Премиерот посочи дека со воведување на платформата за интеропераболност, како долгорочен приоритет на правосудните институции, се овозможува поврзување на сите институции, побрза размена на податоци, сигурност при размената на податоците, достапност на податоците, поефикасна работа на самите институции и поефикасно и побрзо опслужување на крајните корисници.
Тој, одговарајќи на прашањето дали е задоволен од реформите во правосудството, нагласи дека за него владеењето на правото и довербата во правниот систем, значи економија, значи економски стандард, значи повеќе инвестиции, пред се домашни, но и и повеќе странски инвестиции бидејќи тоа е еден од главните постулати за да се биде членка на на НАТО, но, како што рече, гледате дека тоа е и првото поглавје што се отвара при членство во Европската Унија и последното што се затвора, па дури и денеска е сериозна актуелна тема меѓу земјите членки на ЕУ токму раздавањето на правдата, владеењето на правото, независноста, ефикасноста, транспарентноста и така натаму.
Заев констатираше дека со усвојувањето на новите закони во правосудството се отворил пат за прочистување или филтирирање на судството.
– Досега има транспарентно со аргументации постапено преку мониторинг на случаеви и постапување по претставки, разрешено 12 судии. Тоа секако сериозно ја испраќа пораката дека никој не е изземен од законот и секаде има санкции на неделење соодветно правда, намерно застарување на предмети, намерно влијание во самите предмети, потенцираше претседателот на Владата.
Премиерот наведе дека се подготвуваат измени и на Законот за граѓанска одговорност, за навреда и клевета, каде предлог е за 10 пати да се намали надоместокот за штета.
– Она што е значајно е дека се предвидени одредби со кои ќе се овозможи повисоко ниво на заштити на новинарите и медиумските работници, како и други лица кои што вршат работи од јавен интерес, како што се на пример лекарите. Со измените практично се пропишуваат построги казни за следниве кривични дела: убиство, спречување службено лице во вршење на службено дејствие, загрозување на сигурноста и за присилбата, посочи Заев.
Тој додаде дека во фаза на подготовка се измените на Законот за академија на судии и јавни обвинители, што, како што рече, е суштински закон кој треба да овозможи влез на нова и силна генерација на слушатели на Академијата, која треба да биде носител на промените во правосудството за процесот којшто претстои пред нас.