Од владината прес-служба соопштија дека премиерот и владината делегација ќе остварат работни средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во земјата.
Посетата на премиерот Заев и македонската делегација на Софија се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.
Премиерот Заев вчера беше дециден дека за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и оти тие воопшто не се на маса. Северна Македонија и Бугарија разговараат за предлогот што доаѓа од Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, што, според него, апсолутно води грижа за нашиот македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции. Португалскиот предлог, оцени Заев, навистина е инвентивно и креативно решение за кое што вреди да се потрудиме.
– Притоа работните групи имаат соодветно постигање на патната карта на која што е утврдена секторската соработка на сите нивоа со конкретни – пет месеци, три месеци, шест месеци, година дена континуирано или слично и со интензитетот на закажување на историската комисија. Тоа се сериозни успеси коишто досега се постигнати. И јас верувам дека треба да им дадеме шанса на конечно изнаоѓање на решение, рече Заев.
За посетата на Софија тој вели дека е должен прво на граѓаните да им ги каже своите лични очекувања, бидејќи не сака ниту за себе, ниту за народот да ги зголемува очекувањата повеќе од тоа што е реално.
– Зошто е реално? Заради тоа што во Бугарија нема ниту Парламент, ниту има политичка влада. Фала богу има желба за разговор и затоа ќе ја искористиме таа желба за разговори од страна на бугарската влада и ние ќе ја направиме посетата на Бугарија каде што ќе се видиме и со лидерите на повеќе политички партии, најголемите… Се надевам тие ќе го прифатат тоа, а ќе се видиме и со премиерот и со претседателот на државата и сите важни носители на одговорните функции, рече Заев.
Португалскиот предлог го оцени како навистина квалитетен, како за нас, така и за Бугарија и оти води грижа за двете страни.
– Наша официјална позиција е дека е добра основа за постигнување на решение и бугарската официјална позиција е дека е добра основа за постигнување решение. Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада, оцени премиерот Заев.
Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22 јуни одосно 24 и 25 јуни кога се одржува Европскиот совет. На 6 октомври, посочи Заев, е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за нас.
– Потврдивме дека заслуживме и повеќе од тоа, туку како што реков повеќе од јасно е дека ЕУ се чувствува должна затоа што не испорачала, ние испорачавме се. Ние ја крепиме агендата на борбата против сите, би ги нарекол, меморандуми за промена на граници или етнички територии токму преку Северна Македонија и нашето едно општество за сите и мултиетничка, мултирелигиозна функционална демократија и сме пример на европскиот континент за тоа. Пример сме и преку европскиот начин на решавање на проблемите во регионот. Пример, најдобри сме и во реформите и тоа како нашиот народ заслужил да добие прва меѓувладина конференција која што реков дека е само получекор во нашиот пат кон европската интеграција, истакна Заев.