– Ви се обраќам од Мисијата на Северна Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел. Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори. Фон дер Лeјен, Вархеи, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме, рече Заев во обраќањето.

Премиерот порача дека македонскиот народ има гордост и сопствен идентитет.

– Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина, е пораката на Заев до европските челници.

Тој вели дека со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра ниту оваа Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка.

– На овој заеднички пат, секој треба да си ги заврши своите обврски – Северна Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас, порача македонскиот премиер.

Тој најави дека европската агенда продолжува, од Брисел во Мадрид, а потоа и на економскиот форум Делфи во Атина.

Заев во Брисел е придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи.