Како што соопшти владината прес-служба, пред посетата на претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен на Скопје, премиерот Заев вели дека по шеснаесет и пол години чекање, нема веќе што многу да се направи со оглед на тоа што нашата земја беше добар пример во последниве години кога станува збор за однесување на европски начин.
– Сигурно не сме најдобри, но ние сме добрата вест од Западен Балкан. Во моментов, ЕУ размислува за препораките што ќе бидат дадени на Самитот за Западен Балкан на почетокот на октомври, а има држави од ЕУ кои дури и не сакаат Унијата да продолжи да се фокусира на Западен Балкан, вели премиерот Заев истакнувајќи дека кога станува збор за управувањето со континентот, ЕУ е заинтересирана да нè има таму, бидејќи Кина и Русија, исто така, имаат економски интереси на овој простор, што, како што нагласи Заев, не мора нужно да имаат врска со европските и демократските вредности.
Претседателот на Владата во интервјуто посочи дека Македонија може да даде повеќе примери на решавање разни спорни прашања, кои ќе ги сподели со останатите Европејци.
Еден од нив е Охридскиот мировен договор, кој е целосно имплементиран и е модел, кој покажува дека со малцинските прашања најдобро може да се справиме со зајакнување на локалната самоуправа.
– Ова е многу корисен модел, не само за Босна и Херцеговина, туку и за земјите од ЕУ кои имаат меѓуетнички проблеми. Тие би можеле да го искористат тоа – станува збор за давање моќ на граѓаните. Кога станува збор за прашања за идентитетот, договорот за името од Преспа со Грција може да биде пример за Европа, додава Заев во интервјуто за австрискиот медиум.