На вчерашната координација премиерот во заминување Зоран Заев го предложил вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за свој наследник – дознава Радио Лидер од извори од Демократската Унија за Интеграција.
Во исто време, било предложено тој да ја обавува оваа функција до април, кога би се одржале предвремени парламентарни избори. Но, како што дознаваме, предлогот Битиќи да биде премиер бил експресно одбиен од страна на ДУИ, од каде му посочиле на Заев дека имаат коалиционен договор според кој 100 дена пред наредните избори треба да има премиер од ДУИ.
Инаку, Фатмир Битиќи е Албанец, но доаѓа од редовите на СДСМ. Тој на фунцијата вицепремиер дојде од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Нашиот извор брифира дека на крајот било договорено до декември премиер да остане Заев, а потоа да настапи премиер по предлог на ДУИ кој би ја водел владата до наредните избори.
Декември бил избран како датум, затоа што тогаш ќе стигне одлуката за почеток на преговори со ЕУ, па истата и да биде позитивна или негативна, тоа би била совршена причина за распишување на избори.
Вчера Али Ахмети изјави дека имал тензичен разговор со Зоран Заев. Тензијата била околу ова прашање.
Во исто време, Заев сеуште нема поднесено оставка до собранието иако по изборниот дебакл на локалните избори во неделата, најави свое повлекување од премиерската функција и функцијата претседател на СДСМ.
Заев се уште нема образложение зошто не ја поднесува оставката. Според уставот, во моментот кога Заев ќе ја поднесе оставката паѓа целата влада а мандатот претседателот му го дава на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.