– Јасно е единството на коалицијата на централно ниво кое се преточува во коалиција на локално ниво која со своите специфики на локалните избори каде се бира личност претставува демократски осврт на оваа владејачка гарнитура. Логично е некаде каде што можеме во првиот круг да се поддржиме, коалициските партнери да се поддржат и се поддржуваме. Таму каде што не може, ќе се поддржуваме во вториот круг. Затоа е јасно како ќе настапиме насекаде во нашата земја, рече Заев во одговор на прашање при денешното означување на почетокот на градба на мостот „Љубљанска“ во Скопје.
Иако БЕСА е помал партнер од СДСМ и ДУИ, посочи, и даваме шанса скоро секаде да настапи.
– На тој начин граѓаните имаат опција насекаде да ги изберат најдобрите кандидати и кој од нашите коалициски партнери, вклучувајќи ги и СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА и другите помалку бројни партии, ќе добие поддршка од граѓаните на нивниот кандидат сите ќе го поддржиме во вториот круг, наспроти опозицискиот кандидат, прецизира Заев.
За него големиот број на независни листи на локалните избори покажува дека има демократија. Смета дека дел од тие листи нема да имаат претставници во локалната власт, а дел по неколку.
– Сепак се многу значајни зашто можат да бидат граѓански експертски осврт на важни проблематики на граѓаните во наредните четири години. Тоа е убавината на демократијата и слободата која ја носи. Ние не ја потценуваме ни една листа. Сите се важни. СДСМ од 2013 година е компактен, но има лица кои одлучија да настапат независно и не ги потценуваме и сметаме дека ќе постанат еден нов квалитет во севкупната живејачка во општините и во државата, порача Заев.
Истакна дека има доволно време до 11 септември, кога истекува рокот за поднесување на листи, за да се направи вистинскиот избор на кандидати на СДСМ за локалните избори.
– Ги правиме деталните анализи и не можам да кажам кој каде останува додека не ја донесеме одлуката. Сите ми се драги и почитувам се што е изработено, прашањето е дали е доволно сработено или не за да се донесе конечна одлука. Тоа на многу прецизен и видлив начин го кажуваат граѓаните преку анкетите. Ветивме дека ќе го понудиме најдоброто и се трудиме да ги понудиме најдобрите, потенцира Заев.