Од инфраструктурно заостаната земја, С. Македонија се гради и поврзува со квалитетна, безбедна и сигурна патна инфраструктура за граѓаните

„Реконструкцијата на патниот крак Кавадарци-Дреново ја реализираме на барање на граѓаните од овој регион, кои ќе добијат современа делница и безбедно приклучување кон експресниот пат во изградба од Градско кон Прилеп. Од Северна Македонија, која беше инфраструктурно заостаната земја, во интерес на граѓаните ги реализираме нашите програмски одредници „Сообраќајна мрежа без црни точки”, и патно поврзување меѓу најголемите центри за кое нема да бидат потребни повеќе од 90 минути низ безбедни патни правци“, истакна премиерот Заев на денешниот увид на реконструкција на патниот правец Кавадарци-Дреново каде беше заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на „Македонија пат“, Беким Мемеди.

Премиерот Заев истакна дека за патната инфраструктура е планирана значителна сума средства и дека од оваа година има нов систем за надгледување на спроведувањето на капиталните инвестиции.

„На развојот на патната инфраструктура се работи низ цела Северна Македонија, за што планираме во наредните години да инвестираме значителна сума на средства, кои се проценети на преку 1 милијарда евра, a само во оваа година планираме за изградба и рехабилитација на патишта да намениме околу 200 милиони евра. Важно е да се напомене дека за реализацијата на капиталните проекти, од оваа година има нова димензија, односно активиран е систем кој го надгледува спроведувањето на капиталните инвестиции и веднаш алармира таму каде што ќе се појави застој“, објасни премиерот Заев.

Министерот Бочварски истакна дека по завршување на оваа патна делница од Дреново до Кавадарци, се продолжува со рехабилитација на регионалниот пат Неготино-Глишич. Исто така во оваа градежна сезона ќе се реконструираат 5 улици во Кавадарци и 3 улици во Неготино.

„Оваа Влада ги решава проблемите и ја модернизира патната инфраструктура во државата. Во однос на експресниот пат од Градско до Дреново во фаза на преземање е договорот за работа и многу брзо Штрабаг започнува со работа на трасата. За делницата од Дреново до Фариш избран е изведувач и веќе од 9 јуни компанијата започнува со работа. Исто така избран е изведувач и за рехабилитација на Плетвар и со избор на надзорот и таму започнуваме со работа. Така да имаме силна градежна сезона во овој регион“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Директорот на „Македонија пат“ Беким Мемеди рече дека патниот правец Кавадарци-Дреново е исклучително важен за тиквешкиот регион, во вредност од 90 милиони денари и се реализира во две фази, прва фаза опфаќа гребење и реконструкција во должина од 5,1км и втора фаза во должина од 3,9км и ширина 7м, и додаде дека моментално се работи на преку десетина патни правци низ државата.