Извештајот на УНЕСКО за Охридското езеро треба да се прими како силен аларм за состојбата. УНЕСКО нема да дојде тука и да ни води грижа за целиот охридски регион, туку тоа е наша обврска, на институциите, на централните, на локалните и на граѓаните. Ќе продолжиме понатаму со сите активности како што се отстанување на бесправно изградени објекти, средување на природниот тек и аспект на поставување на плажите околу Охридското езеро, ќе продолжиме со доизградба на Колекторскиот систем, прочистителните станици кои во минатото се уништени и сето она што значи нормален развој согласно планот за управување со Охридското езеро и охридскиот регион.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање од пратеникот Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците. Посочи дека денеска за жал сме исправени пред евентуална одлука во јули да биде доведена во опасност заштитата под УНЕСКО. Тоа, потенцира, некогаш е нешто добро некогаш е нешто лошо, но дефинитивно е сериозен аларм за сите, за институциите најповеќе, но и за граѓаните, затоа што ако еднаш го изгубиме статусот на заштита од УНЕСКО тогаш ќе нема ниту туризам, ниту живот така како што го замислуваме околу Охридското езеро.
– Каков и да е извештајот треба да го прифатиме како реален ако сакаме да го вратиме така сјајот на Охрид како што е предвидено согласно УНЕСКО. Владата преку Министерството за транспорт и врски работи детален план за целото крајбрежје на Охридскиот регион и го финансира со цел тука рака да стави централната власт и државните институции, а не да биде на локалните самоуправи заради тоа што тоа е наше национално богатство кое треба дополнително сите заедно да го заштитиме. Со години, децении не се направило ништо во полза на заштита на Охридскиот регион, напротив се правело како да се наштети работејќи спротивно на законите и на сето тоа што се препораки согласно УНЕСКО, рече Заев.
Појасни дека како Влада јавно го поздравиле тоа што општина Охрид го прави со рушење на сите тие бетонски изданија на плажите и враќање во нивната првобитна состојба, како и почетоците на исти такви активности во општина Струга.
– Ги охрабруваме двете локални самоуправи на чело со градоначалниците и советите да продолжат со таа постапка, затоа што е јасно дека ако стоиме на нашата определба Охрид и Охридскиот регион да остане под заштита на УНЕСКО, ние не можеме да развиваме филозофии кои ги пренесуваме од нашите туристички посети од морињата да ги имплементираме околу нашиот Охрид. Охрид не е море, Охридското езеро е едно од најдлабоките и наисториските езера на европскиот континент. Ние мора да го заштитиме со тоа ќе го чуваме во неговата природна убавина, вистинско културно богатство и севкупната природна убавина која ја има, рече Заев.
Затоа, истакна премиерот, еден дел од активностите кои во моментов се решаваат таму заслужува да бидат поздравени од Парламентот, Владата и од граѓаните и да ги охрабриме институциите кои добија поддршка од извршната власт во финансии за да продолжат со таквите активности, а секако сето тоа што е дозволено согласно УНЕСКО секој пат граѓаните ќе го имаат на располагање затоа што Охридското езеро е најголемиот наш потенцијал за развој на туризмот, но во рамките на УНЕСКО.
– Свесни сме за ризиците и за можноста Охридското езеро и охридскиот регион да биде прогласен за подрачје во опасност, свесни сме дека предизвикува горчина кај сите граѓани и сите засегнати институции, заедници, чинители. Верувам дека сето тоа што е почнато може да даде само прилог во идните наши очекувања на тргање на сите забелешки кои УНЕСКО ги има за Охридскиот регион. Охридско-струшкиот регион мора во иднина да продолжи да го подобрува квалитетот на животот на граѓаните, да го формира владеењето на правото и во духот на Законот за управување со Охридскиот регион. Факт е дека Северна Македонија потфрлила, потфрлиле и централните и локалните институции во минатото, но и денеска има факти на кои се работи и даваат конретни резултати, за кои се потрошија милиони евра. Тоа се случува од 2018 година наваму за прв пат во заштита на УНЕСКО иако потребни се експертизи и финансии и многу работа и грижа од институциите, од граѓаните и граѓанскиот сектор, додаде премиерот Заев.
Одговарајќи на прашање на Рашиди, тој рече дека реконструкцијата на еден дел од патот Струга-Ќафасан заедно со патот Пештани-Свети Наум во 2017 година биле одложени заради заштита од УНЕСКО и биле релоцирани таквите пари од кредитот од ЕБРД, но дека во подготовка е објавување тендер за 20 дена за изградба на патот Подмоље-Ќафасан.
– До средината на јули ќе биде објавен тендерот и верувам во август ќе може да се работи на самиот тендер…Истовремено апелирам за учество во изградбата на автопатските решенија меѓу кои е и делницата, границата Ќафасан со автопатското решение Кичево-Охрид за да можеме на најбрз можен начин да ги изградиме овие автопатски решенија кои се неопходни за државата, додаде Заев.
На прашање од пратеникот Рашиди за тоа зошто граѓаните кои го поминуваат патот Тетово – Гостивар плаќаат патарина, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека тој надомест е законски одреден.
– Ако сакаме да градиме повеќе патишта треба да ги почитуваме овие законски одредби, ако сакаме повеќе инвестиции во инфраструктурата треба да се плаќаат патарините. Изминатите 11 години се рехабилитираа 650 километри патишта. Само во овие четири години се изградени и рехабилитирани преку 1000 километри патишта во државата и постоечките и овие кои се градат по целосно нви траси. Годинава ќе се рехабилитираат 18 патни правци со должина од 263 километри насекаде низ државата…, додаде Бочварски.