Премиерот Зоран Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со Декларацијата на македонските организации рече дека сите правата треба да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, напоменувајќи дека не е европски, ниту добрососедски и пријателски, ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас.

– Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија, стои во Декларацијата на македонските здруженија во Бугарија.

Тие од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот, така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму, бараат Бугарија да запре да ја уценува земјава и да ја деблокира нејзината евроинтеграција.
Организациите на Бугарите во земјава, пак во апелот, како што јави дописникот на МИА од Софија, изразуваат, како што велат, „поддршка за јасниот принципиелен став на Бугарија дека Република Северна Македонија може да започне преговори за членство во ЕУ само откако ќе ги реши прашањата за еднаквоста, јазикот, традициите, историјата, спомениците и се друго поврзано со идентитетот на Бугарите во земјата“.
Во документот, што го пренесуваат денеска дел од бугарските медиуми, тие наведуваат дека бараат само „елементарни работи“. – Нашите деца да може да се нарекуваат Бугари, а ние, како и сите други граѓани на Република на Северна Македонија, да можеме да работиме целосно и рамноправно за нашата земја и за нејзиниот економски, политички и социјален подем, се додава во писмото потпишано од организации на Бугарите во земјава. Според нив, во земја „доминира јазикот на омраза кон се што е бугарско“.