Директорот на државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски денеска изјави дека е разочаран од премиерот Зоран Заев затоа што не може да најде разбирање за неговата одлука да не вработи 35 неквалификувани „рамковни“ кадри кои се прераспределени во неговиот инспекторат.
Имено, во Државниот пазарен инспекторат треба да се вработат 35 „рамковни“ кадри, од кои само 12 се со соодветно образование. За 12-те квалификувани Пауновски истакна дека нема да има проблем, но порача дека нема да прифати вработување на дополнителните кадри кои се без соодветно образование.
Пауновски се пожали дека му даваат луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга каде што нема потреба од нови вработувања, за разлика од Источна Македонија. Притоа, Пауновски појасни дека во моментов дури 41% од вработените во Државниот пазарен инспекторат се Албанци.
За ситуацијата да биде уште поконтроверзна, Пауновски тврди дека „рамковните“ се без соодветно образование, со завршен факултет за детективи или криминалистика и дека за нив нема место во канцелариите.
На ова денеска реагираше премиерот Заев кој порача дека ваков пркос нема да толерира и очекува разрешување на Стојко Пауновски.
– Секој ден да се препукувате со потпретседателот на Владата, гледам сега со претседателот на Владата, во време во кое живееме според мене е недозвоиво. Не очекувам да биде даден предлог за негово разрешување и тоа од Љупчо Николовски. Не можете да си дозволите јавно да давате вакви коментари, понижувајќи ги претпоставените, за нешто што е толку транспаретно, воспоставено на одлични основи, искрени основи, за институциите да дадат одговор. Ако нема систематизирано место или не може да се систематизира, не мора да биде примено на работа и слично. Минаа месеци и години, се плаќаат луѓе за ништо. Самиот податок кој го имам, во ред е да го соопштам. 1349 се бројот на лицата, 1182 прифатиле распоредување, 38 одбиле, 13 одат на трансфер листа. Сите тие граѓани се наши граѓани. Земале плата, не работеле ништо. Секој ден да водите полемика со претседател на Влада, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да функционира. Стојко Пауновски ми е пријател, но станува збор за принцип. Сметам дека има основа за негово разрешување. Очекувам службите да отворат постапка, порача Заев.