На состанокот е разговарано за пријателските односи помеѓу двете држави, за коишто е констатирано дека бележат развој и се гледаат потенцијали за нивно унапредување.

Премиерот Заев се заблагодари на амбасадорот Оријан за континуираната поддршка што ја дава Израел на нашата земја од независноста и којашто продолжува и денес во многу области. Посебно се нагласени како важни споделените искуства за старт ап претпријатијата и иновациите, во рамки на можностите за развојот на економијата.

На средбата е констатирано дека Македонија има перспективи за развој на економијата и преку туризмот, со оглед на богатото културно-историско наследство во државата. Во таа насока, пренесено е дека постои интерес од млади луѓе во Израел за посета на земјава, со оглед на постоечките културно-историски паметници поврзани со Евреите кои живееле во нашата држава.

Исто така истакната е поддршката од Државата Израел за напредокот на Република Северна Македонија на домашен и меѓународен план.

– Ни значат пријателството и помошта од Израел, како докажан пријател на нашата земја и продолжуваме да ги градиме односите на принципиелно ниво во областа на економијата, културата, образованието, социјалните политики. Паралелно со заложбите во рамки на евроинтеграцискиот процес, посветени сме на отворањето нови работни места и на унапредувањето на животниот стандард на граѓаните во родната земја и продолжуваме да работиме во тој правец, рече премиерот Заев.