– Во овие моменти навистина значи јасно и јавно искажаната определба да бидеме обединети во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и во обезбедувањето подобра иднина за целиот наш народ. Денеска се разобличија сите дезинформации кои ги слушавме претходните денови за наводни нови мнозинства. Денеска имаме јасна потврда, имаме владино мнозинство и владина коалиција која е стабилна, обединета, коалиција која го води нашето општество напред, силна и сплотена. Продолжуваме да работиме посветено заедно за доброто на граѓаните, истакна Заев.
Осврнувајќи се на резултатите од првиот изборен круг Заев истакна дека Владата добила „жолт картон“ од граѓаните и од тоа колку ќе го послушаат нивниот глас ќе зависи дали тој ќе стане „црвен“.
– Граѓаните ни упатија јасна критика, опомена, би рекол и казна, ние тој став, тој глас го слушаме, го разбираме и го уважуваме. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел, да се обединиме сите. Во име на се што постигнавме досега сакам да пратам јасна порака на заедничко дејствување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, додаде Зоран Заев.
Тој истакна дека повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки, бидејќи СДСМ е партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив, учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните.
Народот на 31 октомври ќе одлучи дали е за слобода, демократија, интеграции и дома и во ЕУ или е за нов режим и нови поделби дома и кавги со соседите и светот. На 31 октомври народот всушност ќе ја донесе одлуката за се. Целосно, комплетно. Народе мој, демосот во демократијата одлучува, до народот, до секој од вас, до нас, поединечно и персонално: да не се враќаме назад, да се исправиме, да се обединиме и да одиме напред. Борбата не чека. Борба за подобар економски стандард, борба за интеграција во ЕУ, за подобро владеење на правото, за повисоки плати и пензии, за повеќе среќа дома, а не нови кавги, поделби и уназадувања. Сограѓани мои одиме напред, ајде на гласање на 31-ви за најдоброто, порача Заев.