Заев се обрати пред високи претставници на Европа, САД и регионот, кои учествуваат на оваа Конференција, чија основна цел е да се даде поттик на процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но и зајакнувањето на односите со САД.
Во присуство на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, поранешната висока претставничка за надворешна политика и одбрана на ЕУ Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан и други видни домашни и странски учесници, Заев се осврна на напорите кои Северна Македонија и Грција ги презедоа за решавање на речиси тридеценискиот спор со името, кои резултираа со решение, за кое, како што рече, не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи.
-Од денешна перспектива јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем. Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно. Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, истакна Заев.