Тој истакна дека македонскиот народ никогаш не окупирал некого.
– Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите косполитиски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво. Стремеж за држава на сите и за сите, пријател со сите, вели Заев.
Нашите борци од народно-ослободителната војна, и сите наши претходни генерации, оние што ги вградија своите дела и животи во слободата, ни ја дадоа државата како дом за сите, како дом на слободата, истакнува тој.
Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, – сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество.
Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – Едно општество за сите!
Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато. Така ќе биде и со нашите заслуги.
Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата борци од антифашистичката и народноослободителната борба, истакна меѓу другото Заев.