Тоа пријателство, потенцира Заев, беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение.

– Во текот на целиот процес, ние инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии. Си кажавме дека црвените линии се ограничувачки. Црвените линии ве ставаат во кутија. Рековме – ние нема да го ставиме процесот во кутијата. Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови. Тоа е и суштината на Договорот од Преспа – пријателството! Со овој Договор, ставивме крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција, а не sидови, подвлече македонскиот премиер.

И јас и Ципрас, додаде Заев, сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик.

– Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот. Кога ќе видите од другата страна на масата за преговори личност која е фокусирана на решенија, личност со која ги делите истите политички вредности, тогаш ги имате сите потребни состојки за пријателски односи и атмосфера за да постигнете взаемно прифатливо решение за проблемот. Уште поважно, овој вид на поврзаност мотивира, се претвора во пријателство. И двајцата го вградивме ова пријателство во темелите на новиот однос помеѓу нашите земји. Тоа е најскапоцената придобивка, рече Заев.

Тој се осврна на членството во НАТО, на регионалната соработка и уште еднаш нагласи дека за Северна Македонија не постои друга алтернатива, освен интеграцијата во ЕУ.

По Заев се обрати и Ципрас. Двајцата се заблагодарија за наградата.

Покрај високите претставници и гости, на церемонијата беа и претседателот на Летонија, Егилс Левитс, како и претседателот на Економското друштво на Вестфалија и Липе, Рајнхард Зинкан.