Поранешниот премиер Зоран Заев, кој последниве години живее на релација Струмица – Дубаи, повторно се појави на политичката сцена, но овојпат на локално ниво, со цел да му помогне на кандидатот на СДСМ, Марјан Даскаловски, во кампањата за градоначалник.
Меѓутоа, неговото појавување на настан во полупразна сала во родниот град, според извори од терен, само ги потврди длабоките поделби и незадоволството во струмичкиот огранок на партијата. Настанот, промовиран како „коктел-дружење“, повеќе личел на носталгична средба со старите кадри, отколку на собир што носи нова енергија.
Меѓу присутните биле Цветанка Иванова, Јована Тренчевска, Кирил Парталов, Зоран Китанов и Стојан Динев, како и повеќе поранешни директори и советници – но речиси без млади и нови лица. Партијата, велат струмичани, ја губи врската со гласачите и со новите генерации.
Дополнителна тензичност внесе и разочарувањето на актуелниот градоначалник Костадин Костадинов, кој очекувал повторна кандидатура, но раководството на СДСМ го прескокнало во последен момент.
Костадинов јавно му реплицираше на Даскаловски на социјалните мрежи, по неговото гостување во дебатна емисија:
„Кандидатот тврдеше дека тој ме ‘створил’. Не, почитувани – мене ме создадоа моите родители. Апелирам на достоинство, мир и вистина. Секој се создава преку делата, а не преку функцијата,“ напиша Костадинов.
Внатрепартиските конфликти, велат извори, ја парализирале кампањата, која повеќе личи на борба меѓу фракции отколку на заеднички настап. Дел од поддржувачите на Костадинов дури јавно застанале зад противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, што дополнително ја продлабочило кризата.
Причината за ваквата апатија, според локалните извори, лежи во години на неисполнети ветувања. Иако СДСМ со години најавуваше „Европска Струмица“ – со булевари, паркови, спортски комплекси и индустриски зони – голем дел од тие проекти никогаш не беа реализирани.
Нереализирани останале и ветувањата за вештачка карпа, адреналински парк, куглана, нов плоштад „Благој Јанков Мучето“ и ревитализација на спортските објекти. Индустриските зони сè уште немаат инфраструктура, а голем дел од проектите за канализациони системи и патишта по селата останале само на хартија.
„Новото лице“ Марјан Даскаловски, пак, е старо партиско име – поранешен пратеник, претседател на општинскиот совет и долгогодишен кадар на СДСМ. Наместо свеж почеток, граѓаните гледаат повторување на старите шеми.
Појавата на Заев, наместо да донесе обединување, според партиски извори, само ја зголемила дистанцата меѓу фракциите. Струмица, некогаш симбол на партиска дисциплина и изборна сигурност, денес изгледа како град заробен во незадоволство и неисполнети ветувања.